На вчерашната седница координаторот на ВМРО-ДПМНЕ одби да се врати на своето место, откако не доби збор за процедурална дискусија, и упорно стоеше во близина на пратеничката на СДСМ, обидувајќи се да ѝ го земе микрофонот
СДСМ го обвинува координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, дека вчерa во Собранието ја нападнал пратеничката Даниела Марковска и дека, како што се посочува, ѝ го загрозил интимниот простор.
„Вчера во Собранието сведочевме на насилство, на физичко и вербално вознемирување врз колешка на нејзиното работно место. Јавно, пред целата јавност, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ безобразно го повреди интимниот простор на пратеничката Марковска. Мицевски се дрзна да замолчи пратеничка, да ја загрози нејзината слобода на говор во собраниската сала, во она што е храм на демократијата. Со своето однесување Мицевски потврди дека е дел од режимската насилничка матрица на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е таа матрица која насилно исфрли новинари и пратеници од пленарната сала на црниот понеделник во 2012 година, истата матрица која стоеше зад насилниот упад на 27 април. Не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ да напаѓа, вознемирува и навредува жени, не е прв пат оваа партија да ограничува слобода на говор. Насилството, шовинизмот, автократијата со години се обележја на оваа деструктивна и ненародна партија предводена од Христијан Мицкоски“,
се наведува во денешната реакција на СДСМ на вчерашниот инцидент во пленарната сала во парламентот.
На вчерашната седница Мицевски одби да се врати на своето место и упорно стоеше во близина на пратеничката на СДСМ, Даниела Маркоска, обидувајќи се да ѝ го одземе микрофонот, поради тоа што претседателот на Собранието Талат Џафери не му даде процедурално обраќање.
За тоа време пратениците од опозицијата тропаа на клупите, додека пратеничката Марковска шеташе со микрофонот низ салата, за да не ѝ го одземе Мицевски. На крајот, Џафери го повика собраниското обезбедување и даде пауза.