Тие обвинуваат дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, градот се претвора во партиски вилает за да се остварат бизнис агенди

На Скопје не му треба нова Арсовска под диктат на Мицкоски – вака Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) вели дека се однесува кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој е предложен од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Скопје се задушува во урбанистички хаос, Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, молчи за дивоградбите во Чаир“,
рече на денешната прес-конференција Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Според Јанковиќ, Скопје се соочува со голем урбанистички хаос, а Ѓорѓиевски не се оградува од постапките на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ кои, како што рече, се одговорни за проблемот.
Јанковиќ нагласи дека во Чаир има над 150 незаконски дивоградби, што претставува криминал тежок над 220 милиони евра, со кој се узурпира јавниот простор и се загрозува безбедноста.
Од СДСМ прашуваат зошто Ѓорѓиевски не нуди решение за проблемот и дали тоа е поради бизнис-интересите на власта.
Тие обвинуваат дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт градот се претвора во партиски вилает за да се остварат бизнис агенди.
„Дивоградбите не се само локална приказна, со ВМРО-ДПМНЕ урбаното дивеење стана тажно скопско секојдневие“,
рече Јанковиќ.
Јанковиќ предупреди дека со Ѓорѓиевски скопјани можат да очекуваат само нови разочарувања и хаос, наместо решенија. Тој додаде, „дивоградбите ќе продолжат, никој нема да одговара“, а наместо развој, ќе има „партиски диктат за богатење на поединци“.
„На скопјани им треба вистински градоначалник кој ќе се бори со урбаната мафија, а не кој ќе ја штити. На Скопје не му треба нова Арсовска, под диктат на Мицкоски“,
кажа Јанковиќ.
Од СДСМ вчера рекоа дека премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повторно сака да биде во улога на „шпицен градоначалник“ и, како што велат, им дели задачи на кандидатите за градоначалници од партијата.
Оттаму рекоа дека овој пат тоа го прави со Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, исто како што било во случајот со актуелната градоначалничка, Данела Арсовска.