Ние сме на ставот дека во моментов е потребно тоа тело да има полн состав, вели генералниот секретар на опозициската партија, Александар Димитријевиќ
СДСМ е на ставот дека во овој момент е потребно Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да биде во полн состав, вели новиот генерален секретар на опозициската партија, Александар Саша Димитријевиќ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, по забелешките од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) дека станува збор за политички калкулации и дека селектираните кандидати не ги исполнуваат ниту формалните услови од конкурсот.
Димитријевиќ додава дека претходно за ова прашање дошле јасни забелешки од Европската комисија, од каде што предупредиле дека актуелните членови на Советот на Агенцијата работат со истечен мандат, па затоа партијата во Собранието го поддржала изборот на нов состав.
„Имаше расправа во Собранието по тоа прашање, мислам дека пред неколку месеци, се разговараше за тоа и ние сме на ставот дека во моментов е потребно да има полн состав таа комисија“,
рече Димитријевиќ.
На новинарска прашање – зошто СДСМ не успеа да го наметне аргументот на Европската комисија во претходните состави на Собранието оти мандатите на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ се од поодамна истечени, Димитријевиќ вели дека тие се конструктивна опозиција која сака да има функционален систем и дека за сè што е во интерес на граѓаните е потребно да се има консензус.
На прашањето – дали оваа одлука е на раководството на СДСМ или на пратениците кои се дел од собраниската Kомисија за избори и именувања, тој одговори дека ставовите се усогласени.
„Пратеничката група и раководството на СДСМ се во секојдневна комуникација и ставовите ни се усогласени“,
кажа Димитријевиќ.
Здружението на новинарите на Македонија во средата реагираше дека избраните кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во собраниската Комисија за избори и именувања имаат партиска заднина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност.
Оттаму апелираа до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.
„Загрижува фактот што дел од избраните кандидати на кои им беше дадена можност да учествуваат на јавната расправа не ги исполнуваат ниту формалните услови според објавениот оглас. Воедно, проблематична е и партиската заднина на дел од кандидатите што се предлагаат за гласање во Собранието. Во исто време не се земени предвид кандидати кои имаа извонредно професионално портфолио“,
стои во соопштението од ЗНМ.