До 14 часот гласале над 10 000 од околу 23 000 регистрирани гласачи. Гласањето, според партијата, се одвива во најдобар ред на 78-те избирачки места кои биле отворени во 8 часот. Гласањето трае до 20 часот
Во изјава за ТВ Телма, единствениот кандидат Венко Филипче кажа дека, како и во изминативе девет месеци, очекува да продолжи консолидацијата на партијата
Останува уште неполн час до затворањето на вкупно 78 гласачки места, на кои членството на СДСМ може да го оствари гласачкото право за избор на претседател на партијата. Исходот се знае бидејќи кандидатот е еден – актуелниот претседател Венко Филипче.

Така, единственото прашање е колку членови ќе гласаат за Филипче. Регистрирани се 23 000 гласачи. Според изјавите дадени за медиумите во текот на денот, до 14 часот гласале над 10 000.
Венко Филипче, во изјава за ТВ Телма, вели дека фокус во мандатот кој следува е да ја продолжи консолидацијата на партијата.

„Навистина не беше лесно изминатиот период, меѓутоа мислам дека консолидацијата која започна, е во тек и секако ќе продолжи понатаму, ќе ја смени перцепцијата за партијата во следниот период. Имаме работа со власт којашто навистина мислиме дека има лош перформанс… Еве подадовме и рака во една криза после настанот кој се случи трагичен во Кочани, сметам дека е прво човечки, а потоа и малку поинаков политички потег од тоа што го имало до сега, да работиме на работите за коишто треба да покажеме заедништво затоа што ниту една партија или коалиција не може сама, а тоа е пред се европската агенда каде што навистина сега има една голема стагнација“,
изјави Венко Филипче.
Дел од телевизиите попладнево пренесоа и анкети со гласачите. Сите искажаа оптимизам за иднината на партијата со Филипче како лидер.
„СДСМ секогаш била државотворна партија, така и ќе остане. СДСМ за брзо време ќе се крене бидејќи СДСМ во најтешкото секогаш била најјака“,
кажа една членка на СДСМ
„Филипче, колку што го познавам, е добар човек. Мислам дека повеќе ќе придонесе од кој било досега”,
кажа член на СДСМ по гласањето.
Денешните избори во СДСМ се редовни. Тоа значи дека по нив Венко Филипче ќе добие четиригодишен мандат.