Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието, Јован Митрески, денеска ги презентираше предлог-заклучоците на власта кон т.н. француски предлог за надминување на спорот со Бугарија и почеток на преговорите со ЕУ. Во продолжение, инегрално го пренесуваме обраќањето на пратеникот Митрески.

„Водејќи се од врвните национални и државни интереси, стратешката опрделба за членство во Европската унија со целосно заштитен македонски јазик, идентитет и посебност, пратеничката група на СДСМ поддржана од пратениците на владејачкото мнозинство предлага заклучоци за заштита на јазичните, идентитетските, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со Европската унија.
– Се задолжува владата преку државната делегација за преговори во Европската унија, доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, за елементи за кои не се преговара со ЕУ. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ како и во целосна согласност на резолуцијата усвоена од Собранието на 29 јули 2021 година;
– Се задолжува владата, во преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде наведен без било какви објаснувања, додавки или фусноти;
– Се задолжува владата, при вклучувањето на било какви договори, спогодби или документи со ЕУ кои содржат јазична одредба, со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ како што е договорот за соработка со ФРОНТЕКС, истите да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик, без било какви објаснувања, додавки или фусноти;
– Се задолжува владата, во текот на преговорите за пристапување, се до нивното завршување со склучување на договорот за пристапување, на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ, владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка. Со приемот во полноправно членство во ЕУ македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без било какви објаснувања, додавки или фусноти;
– Се задолжува владата, билатералните прашања поврзани со билатералните договори, за добрососедски односи кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и Копенхагеншките критериуми за членство, да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со ЕУ;
– Преговарaчката рамка да се усвои веднаш, на почетокот на преговорите со ЕУ;
– За одржување на првата меѓувладина конференција, за отворање на пристапните преговори и скрининг-процесот и следната меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката рамка на преговорите, согласно предлог на Француското претседтелство со ЕУ, да се донесат одлуки веднаш за да истите не зависат од дополнителни одлуки од страна на земјите членки;
– Се задолжува владата, горенавадените заклучоци да ги вгради во отворачката изјава на Република Северна Македонија на првата меѓувладина конференција со ЕУ;
– Се задолжува владата редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва, отворачка фаза на пристапните преговори, како и за одвивање на меѓувладините конференции за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Почитувани граѓани, време е за одлука. Преку усвојување на заклучоците кои ќе бидат задолжителни за сегашната но и за секоја идна влада, да се обезбеди европскиот пат на земјата со безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености за кои во ниту еден момент не се преговара и никогаш никој не смее да преговара. Сите пратеници да се вклучат во процесот на носење на заклучоците, да дадат свој придонес во работата на Собранието поаѓајќи од националните и стратешки цели“,
изјави Митрески.
По обраќањето, новинарите добија можност да поставуваат прашања. Но овој сегмент помина во објаснување меѓу пратеникот и претставниците на седмата сила – што ако владата не ги послушала задолженијата. Митрески објаснуваше дека терминот „се задолжува“ доволно јасно пропишува што смее а што не смее, додека дел од новинарите прашуваа зошто нема уште едно задолжение – да се прекинат преговорите, ако не се почитуваат заложбите.