Како што може да се види од листата на одобрени кандидати, од општините каде СДСМ има актуелен градиначалник, само еден повторно ја добил поддршката да се бори за нов мандат
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) вечерва ги објави имињата на уште 11 кандидати кои ќе се борат за градоначалничка функција на претојните локални избори во октомври.

Одлуката како што информираа од партијата ја донеле членовите на Извршниот одбор на партијата, на седница одржана денеска попладне.
Како што може да се види од листата на одобрени кандидати, од општините каде СДСМ има актуелен градиначалник само еден повторно ја добил поддршката да се бори за нов мандат.
Станува збор за градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров кој ќе се бори за трет мандат во оваа Општина.
За разлика од него, актуелниот градоначалник на Делчево, Горан Трајковски не е кандидат за нов мандат во оваа општина, каде социјалдемократките ќе трчаат со ново име – Дејан Глинџарски.
Со ново име СДСМ за градоначалник ќе трча и во Општина Старо Нагоричане, која досега во два мандати ја водеше Жаклина Јовановска.
На гласачкото ливче за челната позиција од редовите на СДСМ во оваа Општина ќе се најде името на Далибор Трајковски.
Инаку, Јовановска и актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска беа единствените жени кои на локалните избори во 2021 година беа избрани за оваа функција.
Во продолжение е новата листа од 11 кандидати за градоначалници што ги објави СДСМ:
- Бутел – Оливера Ливриниќ
- Велес – Маја Хеско
- Гевгелија – Миле Атанасов
- Делчево – Дејан Глинџарски
- Демир Капија – Лазар Петров
- Конче – Благој Илиев
- Кратово – Влатко Спировски
- Кривогаштани – Игор Каравиловски
- Македонски Брод – Ивица Стојковски
- Ранковце – Даниел Крстевски
- Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините“,
се наведува во соопштението од СДСМ.

Инаку, СДСМ од крајот на јуни досега објави повеќемина кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на социјалдемократите е потпретседателката на партијата, Каја Шукова.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши локалните избори ги распиша на 9 август, а првиот круг од гласањето за градоначалници ќе се одржи на 19 октомври, кога ќе се гласа и за советничките листи. Втор круг за градоначалници ќе има на 2 ноември.
Според роковите што ги утврди Државната изборна комисија, изборната кампања за првиот круг почнува на 29 септември и ќе трае непрекинато до 17 октомври, додека кампањата за вториот изборен круг ќе трае до 31 октомври.
Крајниот рок до кога ќе може да се поднесат листите на кандидати на учесници на изборите до општинските изборни комисии е 13 септември. Ждрепката за редните броеви на гласачко ливче ДИК ќе ја организира најдоцна до 25 септември, а најдоцна до 27 септември партиите ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори.