Лидерот на СДСМ вели дека не застанува во одбрана државниот обвинител, но додава дека сè што се презема во правосудството, а не подразбира некаква реформа, не води никаде
Ние сме против концептот на притисок кон кого било во правосудството – изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прашањето дали партијата ќе го поддржи разрешувањето на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски кога ќе биде доставено до пратениците во Собранието.

Филипче вели дека не застанува во одбрана Коцевски, но додава дека сè што се презема во рамки на правосудството, а не подразбира некаква реформа, не води никаде.
„Не сакам ова да се сфати дека јас сум нечиј адвокат, најмалку на главниот обвинител, кого не го ни познавам. Но, сметам дека сè она што значи партиски притисок, да се постават партиски луѓе, подразбира сè подлабоко заглавување на правосудството, нешто што граѓаните не го сакаат. Граѓаните сакаат реформи и вистинско правосудство на кое може да му се верува. Ова не е тој механизам и тоа не се случува само сега со овој притисок на обвинителот, се случува цело време изминатите година и пол дена наназад – имаше притисоци, се назначуваа обвинители, судии, роднини, пријатели на блиски членови на владејачката гарнитура“,
изјави Филипче одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Тој повтори дека не застанува во одбрана никому и додаде дека притисоците не смеат да бидат дозволени.
„Ние имаме препораки од Оценската мисија што треба да се направи во правосудството. Но ниту една препорака не е имплементирана. Нема нов закон за Јавно обвинителство, треба да има нов Кривичен закон, тоа се суштинските работи што треба да ги видиме во правосудството, а не кој да биде на некоја позиција и се поставува прашањето кои се критериумите. Дајте да ги донесеме европските критериуми, да ја донесеме европската обвинителка за некои случаи за кои потенциравме дека е важно да биде тука“,
додаде лидерот на СДСМ.
Изјавата на Филипче следува откако претходно вчера Владата го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, што премиерот Христијан Мицкоски го најавуваше веќе извесен период. Владиниот предлог ќе биде доставен до Собранието за натамошна постапка.
Со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата државен јавен обвинител, Владата всушност ја продолжува постапката која веќе беше поведена, но поради законските ограничувања беше привремено стопирана за време на изборниот период.
