Според лидерот на СДСМ, Струмица е еден од најдобро организираните градови во државата, што е резултат на работата во континуитет на социјалдемократските градоначалници во изминатиот период

Струмица е една од општините каде што навистина сме фаворити, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Ставот е реплика на тврдењата на неговиот политички соперник, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски. Тој вели дека Струмица не е меѓу шесте општини во кои, според анализите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ би можел да освои градоначалничко место на претстојните локални избори.
„Таму граѓаните, во Струмица и во околината, се сведоци затоа што изминатите веќе повеќе од една и пол деценија социјалдемократи ја водеа општината и знаат што значи посветена работа за доброто на градот. Струмица е еден од најдобро организираните градови во државата“,
рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче потоа продолжи, во детали, да кажува во кои области е подобрена Струмица во изминатиот период. Но, потоа доби логично прашање – ако претходните градоначалници работеле добро, зошто партијата не го поддржа Костадин Костадинов, кој е градоначалник во последните четири години.

Филипче: Со обиколница, со добар плоштад, со средена инфраструктура, со водовод, со канализација, со асфалтирани улици. Сè тоа што градоначалник треба да направи за еден град.
„360 степени“: Ова нели е пофалба за Коста Костадинов, којшто решивте да не го кандидирате повторно?
Филипче: Добро, тој имаше континуитет на работата на Зоран Заев, претходно, во претходните мандати.
„360 степени“: Колку тој потрес во партијата ќе влијае на изборниот резултат во Струмица?
Филипче: Гледајте, мислам дека е време луѓето да сфатат дека кога од партијата нешто добиле и имале некаква сатисфакција за нивната работа, тогаш кога довербата нема да ја добијат, лошо зборува за нив кога ќе тргнат да плукаат по партиските другари или по самата партија. Тоа значи дека никогаш не биле искрени членови. Се поставува прашањето дали не работеле само за сопствени интереси. Ете, што може друго да излезе од тој еден таков заклучок.
„360 степени“: Како некој работел само за сопствени интереси, а е толку добро во Струмица?
Филипче: Еве, значи прво тоа е еден континуитет, тоа не е сработено во изминатите четири години. Па, вие знаете, од Струмица сте. За четири години ли е среден градот? Не, не, многу, многу претходно.
Малку подоцна во разговорот претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кажа нов аргумент зошто партијата не поддржа повторна кандидатура на Костадин Костадинов:
„Само уште една поента. Актуелниот градоначалник Костадинов немаше поддршка од членството. Тоа беше најголемата причина зашто ние посегнавме по внатрепартиска анализа и изнаоѓање друг кандидат“.
Во врска со Струмица, Филипче беше прашан и дали за изборите ќе се ангажираат и Зоран Заев и структурите блиски до него за да работат во прилог на кандидатот на СДСМ, Марјан Даскаловски. Тој одговори дека Заев целосно се дистанцирал од политиката и дека така ќе се однесува и на овие избори.