СДСМ тврди дека резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, наместо јасно да се спротивстави на прифаќањето мигранти од Британија за финансиска надокнада, користи игра на зборови и обид за поинакво дефинирање на мигрантите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) соопшти дека коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ конечно го признала постоењето на договорот „мигранти за пари“ откако ја подготвиле својата „Резолуција против нелегалната миграција“ истакнувајќи дека ова претставува предавство на државата.
СДСМ тврди дека резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, наместо јасно да се спротивстави на прифаќањето мигранти од Британија за финансиска надокнада, користи игра на зборови и обид за поинакво дефинирање на мигрантите.
„Не само што признаа, туку тоа го поставија и во форма на Резолуција која сакаат да ја верификуваат во Собранието. Во оваа контра резолуција на ДПМНЕ нема јасна одредба против носење мигранти од Британија за пари. Има игра на зборови, обид за поинакво дефинирање на мигрантите“,
се вели во соопштението на СДСМ.
СДСМ ја критикува формулацијата во резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која воспоставува политика против „нелегалната миграција“. Според СДСМ, ова е манипулација со дефинициите.
„Не постојат легални и нелегални мигранти. Постојат само мигранти. Мигрантите се луѓе кои ги напуштиле своите домови и избегале во други земји поради војната што ги погодила во нивната земја. Не постои начин да бидеш ‘легален’ или ‘нелегален’ мигрант кога бегаш од војна и ја напушташ својата татковина“,
велат од СДСМ.
СДСМ посочува дека ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена се обидува да го избегне прашањето за мигрантите, цитирајќи изјави на лидерот Христијан Мицкоски, за „нелегални мигранти“ и изјавата на пратеникот Антонијо Милошоски, кој ги дефинирал лицата како „економски работници“.
СДСМ тврди дека со усвојувањето на оваа резолуција, ВМРО-ДПМНЕ го потврдува својот став за прифаќање „мигранти за пари“.
„Со ова е потврдено сè што СДСМ го зборува и за што предупредува. Ова е нивното предавство на Македонија, мигранти за пари. Денеска нивното признание го имаме и на хартија. Потпишано!“,
се додава во соопштението.
Од СДСМ велат дека ќе се спротивстават на овој потег, нагласувајќи дека борбата започнала и нема да престане, со ветување дека „сите ќе одговараат“.
Инаку, оваа реакција на СДСМ доаѓа откако денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ја претстави „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Мицевски истакна дека целта на резолуцијата е да се спротивстави на, како што наведе, „организираната и координирана кампања од страна на опозицијата“ која ширела несигурност и паника помеѓу граѓаните со лажни информации за прифаќање мигранти и изградба на кампови.
Резолуцијата, која е составена од 9 точки, Мицевски вели дека воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување.
