Од партијата велат дека додека политичката моќ на Виктор Орбан во неговата земја опаѓа, Мицкоски ја користи посетата за своите политики на изолација, корупција и одработување за туѓи интереси

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение изрази сомнежи за посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Унгарија. Од партијата велат дека додека политичката моќ на Виктор Орбан во неговата земја опаѓа, Мицкоски ја користи посетата за своите политики на изолација, корупција и одработување за туѓи интереси.
Според СДСМ, Мицкоски заминал во Будимпешта за договор за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Мицкоски ги продава македонските национални интереси, а денеска отиде кај Орбан за да договара враќање на Никола Груевски. Какви други договори се прават зад затворени врати?“,
прашуваат од опозициската партија.
Од СДСМ отвораат и низа прашања поврзани со, како што велат, бизнисите на Орбан во Македонија, особено во секторите енергетика и телекомуникации.
Опозицијата тврди дека ВМРО-ДПМНЕ контролира 40 отсто од медиумите преку унгарски капитал.
„Што ќе се случи со 40 отсто од медиумите во Македонија кога ќе падне Орбан, кои ги контролира ВМРО? Што ќе биде со бизнисите на Орбан во Македонија, во енергетиката и телекомуникациите?“,
се исто така прашања на кои од СДСМ побараа одговори.
Актуелната македонска власт, велат од СДСМ, ја турка државата кон изолација, неизвесност и назадување кое сака да трае со децении.
Според социјалдемократите, унгарските граѓани го избираат европскиот пат, а за Орбан велат дека е исвиркан и од сопствените поддржувачи на митинзи.
„Орбан е симбол на една политика која Европската Унија веќе не ја толерира. Коруптивна политика која служи на бизнис и руски интереси, наместо на европските вредности и иднината на граѓаните“,
велат од СДСМ.
Денеска од Владата информираа дека премиерот Мицкоски, во рамки на официјалната посета на Унгарија, остварил средба со неговиот унгарски колега Виктор Орбан, на која било потврдено продлабочувањето на стратегиско партнерство меѓу двете држави. Главниот акцент на разговорите бил ставен на создавање услови за нови инвестиции, зголемена трговска размена и реализација на конкретни економски проекти.
Претходно премиерот Мицкоски имал обраќање на бизнис-форумот на тема „Ден на деловна соработка помеѓу Унгарија и Македонија“. Мицкоски истакнал дека Владата спроведува политики насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина.
