Владејачката СДСМ ја обвини најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за „антидржавно, неодговорно и деструктивно однесување, спротивно на националните интереси“. Причината е денешната прес-конференција на членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, на која тој кажа дека партијата нема да го поддржи Законот за попис и дека ќе спроведе нов, кога ќе дојдат на власт.
За пораките од прес-конференцијата на Андоновски, од СДСМ соопштија:
„ВМРО-ДПМНЕ не сака да разбере дека пописот е статистичка, а не политичка операција, важен процес за да имаме целосни податоци кои се битни за креирање политики и натамошен рамномерен развој на сите сфери во државата. Пописот ќе биде спроведен согласно сите стандарди и прописи на ЕВРОСТАТ, целосно усогласено со меѓународните пракси“,
соопштија од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, заедно со другите опозициски партии, имаа повеќе амандмани на Законот за попис, кои мнозинството не ги прифати. Едно од главните барања беше попишувањето да се спроведува и со отпечаток од прст а критикуваа дека операцијата се прави спротивно од правилата на ЕВРОСТАТ.
„Пописот ќе биде спроведен согласно сите стандарди и прописи на ЕВРОСТАТ, целосно усогласено со меѓународните пракси. Со Предлог Законот за попис, имаме за цел, оваа статистичка операција повеќе никогаш да не се третира како политичко прашање кое ќе зависи од волјата на партиите и партиските лидери, туку како оперативно-статистичко. Наводна загриженост на ВМРО-ДПМНЕ не е ништо друго освен очаен обид оваа статистичка операција да се одложи и дополнително да се политизира. Сите европски и светски стандарди се задоволени“,
реплицираа од СДСМ.
И покрај противењете на Законот за попис на населението, ВМРО-ДПМНЕ досега нема изјавено дека ќе повика на бојкот на статистичката операција.