„Никола Груевски пишува на Фејсбук дека е време за војни, а претседателката Давкова јавно го кажува тоа како нејзин став дека ‘не е време за реформи’ затоа што е време за војни“, се вели во соопштението од СДСМ
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) попладнево упати, како што се вели во партиското соопштение, совет до претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Имате доволно години и искуство повеќе да не го слушате вашиот водач (Никола) Груевски“,
се вели во соопштението од Бихаќска.

Инаку, „советот“ на СДСМ до Сиљановска-Давкова доаѓа откако претседателката денеска изјави дека очекува опозициската партија да ја надмине кризата, да стане сила опозиција и активен партнер во општеството.
Од СДСМ, пак, велат дека енергијата и новиот тим во партијата носи криза само за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и оти тоа веќе е видливо, но допрва на сите ќе им биде јасно, вклучително и на Сиљановска-Давкова.
„И Социјалдемократскиот сојуз на Македонија има совет за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова: Имате доволно години и искуство да не го слушате повеќе вашиот водач Никола Груевски. Едноставно е погрешно и штетно за иднината на државата. Тој криминален концепт еднаш беше поразен и повторно ќе биде поразен сосе неговите ученици кои денеска ја крчмат Македонија. Никола Груевски пишува на Фејсбук дека е време за војни, а претседателката Давкова јавно го кажува тоа како нејзин став дека ‘не е време за реформи’ затоа што е време за војни“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму додаваат дека Груевски од Будимпешта диктира повторна изолација на Македонија и нов грабеж, но оти СДСМ е тука да го спречи.
„Осуден и побегнат криминалец, кој украде две милијарди евра народни пари, од Будимпешта диктира повторна изолација на Македонија, нов грабеж и ја управува Владата на далечинско. СДСМ е тука тоа да го спречи. Работата сè уште не е завршена“,
порачуваат од СДСМ.
Изјавата на Сиљановска-Давкова за нејзините очекувања поврзани со опозициската СДСМ таа ја даде денеска, одговарајќи на новинарски прашања, а доаѓа откако вчера, по барање на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, целото раководство на партијата заедно со членовите на Извршниот одбор поднесе оставки.
Таа вели дека со вакви проблеми се соочувале многу партии и тоа не само кај нас туку и во други земји.

„Мојата порака е дека оваа партија има долга историја, меморија, имала големи победи и успеси, и како и другите партии имала и кризи. Се надевам дека од кризата ќе излезат со нови решенија и ќе станат повторно активен фактор и актер на македонската демократија“,
рече Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања по посетата на училиштето „Партенија Зографски“ во Скопје.
Од СДСМ вчера информираа дека на седница на Извршниот одбор на партијата, на предлог на лидерот Венко Филипче, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари и сите членови на Извршниот одбор поднеле оставки.
Оттаму додаваат дека со овој чекор е отворено ново поглавје во партијата, кадровско освежување и зајакнување, вклучување нови лица и внатрешна мобилизација.
На една од наредните седници на Централниот одбор, од партијата велат дека претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата, а за функциите ќе се избираат најкомпетентни личности.
