Во соопштението испратено од „Бихаќка“ се вели оти партијата не прифаќа условувања од било кого и дека СДСМ со никого нема да прави политички дилови

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска одговори на условите за можна соработка што вчера ги постави претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.
Тој побара оставка од раководството на партијата, откажување од пратеничкиот мандат на носителите и на коносителите на листите и несоработка со сегашната ДУИ.
Во соопштението испратено од „Бихаќка“ се вели дека СДСМ не прифаќа уцени од било кого и оти нема тргување со иднината на државата.
„Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ и непринципиелните коалиции. За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек-партија СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Не прифаќаме условувања од било кого, СДСМ со никого нема да прави политички дилови. Ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување“,
се додава во соопштението.
Од СДСМ велат оти тие се единствената партија наследник на НОБ, на АСНОМ и дека ќе продолжат да ги водат социјалдемократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија.
„Не се откажуваме од тоа, СДСМ е цврста и силна партија. Ќе продолжиме да се бориме за овие вредности“,
додаваат оттаму.
Од партијата велат дека се фокусирани на постигнување на најдобриот резултат на претстојните избори на 8 мај и повикуваат на мобилизација на сите демократски и прогресивни сили да се спречи враќањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски вчера на прес-конференција обраќајќи се на раководството на СДСМ ги соопшти, како што посочи, кумулативните услови за разговор за евентуална можна соработка.
Димитриевски побара во наредните 24 часа раководството на СДСМ да поднесе комплетни неотповикливи оставки од сите можни функции во партијата. Втор услов кој го упати е носителите и коносителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати, а нив ќе ги преземат кандидатите кои следуваат на листите по нив. Димитриевски побара и да се обврзат дека ниту тајно ниту јавно нема да продолжат да заговараат соработка со сегашната ДУИ, за навистина, а не само формално, туку и суштински, да покажат дека ја примиле вистински пораката од граѓаните и постапиле веднаш.
Димитриевски упати порака и до ВМРО-ДПМНЕ дека се согласува со нивните програмски определби дека не прифаќаат уставни измени под бугарски диктат и не прифаќаат соработка со ДУИ.
Условот што го постави до ВМРО-ДПМНЕ е потврдат дека не е точно оти дел од раководството на партијата заговара јавна или тајна соработка со поранешниот премиер Зоран Заев преку неговите фикс кандидати за пратеници, како што е Венко Филипче и други за обезбедување на двотретинско мнозинство во новиот собраниски услов.
Според Димитриевски, тоа се условите на ЗНАМ за почеток на разговорите за евентуална соработка со едните и другите.