Во реакцијата на денешната изјава на Димитриевски, од СДСМ го обвинија лидерот на Движењето ЗНАМ дека во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ги договара идните чекори за соработка со оваа партија и поддршка на нивниот претседателски кандидат, Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите за шеф на државата
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија попладнево преку писмена реакција му одговори на својот поранешен сопартиец, сега лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, кој денеска изјави дека не е изненаден од ароганцијата на раководството на СДСМ кое, како што кажа, ја згазило социјадемократијата.

Димитриевски и неговата поранешна партија овие два дена се во отворен судир откако лидерот на Движењето ЗНАМ вчера испорача неколку барања до СДСМ како услов за евентуална коалициска соработка, што партијата, односно нејзиниот лидер Димитар Ковачевски ги одбија уште истиот ден.
Лидерот на ЗНАМ, денеска од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, каде што заедно со членови и симпатизери на партијата го одбележа 1 Мај – Денот на трудот, рече дека ароганцијата на тие што ги нарекле човек-партија е ненадминлива и дека со тоа го навредиле него и уште 84 000 граѓани кои гласаа за него во првиот круг од претседателските избори.
Во реакцијата, од СДСМ го обвинија лидерот на Движењето ЗНАМ дека во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ги договара идните чекори за соработка со оваа партија и поддршка на нивниот претседателски кандидат, Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите за шеф на државата.
„Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно, туку единствено и само личен интерес. За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како ‘Ванчо Михајлов’, адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска-Давкова. Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ. Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови, јавноста ќе види многу скоро“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Димитриевски во својата денешна изјава одговори и на вчерашната порака на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој во врска со условувањата на лидерот на ЗНАМ од митингот во скопската општина Аеродром рече дека раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ кои се наследници и на НОБ, АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов.
„Сакам да испратам порака до тие коишто обвинуваа за соработка со ванчомихајловисти, итстите тие коишто дозволија да се отвораат клубови на странски држави во текот на нивниот мандат и ја згазија само социјалдемократијата туку и илиндеската и асномската идеја во целост во државата нѐ обвинија дека сме човек-партија. Нивната ароганција е ненадминлива. Со тоа навредија покрај мене, уште 84 000 и повеќе граѓани на оваа држава. Но, како и да е, ние позитивно продолжуваме понатаму и чест ми е што денеска токму овде традиционално во Меморијалниот центар ‘Пелинце’, каде што се удрени темелите на современата македонска држава, на АСНОМ, гледам голем број на мои поранешни соборци, сопартијци, социјалдемократи коишто се придружија на овој настан којшто го организира Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“,
рече Димитриевски од Пелинце.

Лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, вчера на двете најголеми партии од македонскиот политички блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, им постави услови за можно коалицирање без чие исполнување, како што рече, нема да има почеток на разговорите за евентуална соработка со едните или со другите.
Тој побара во наредните 24 часа раководството на СДСМ да поднесе комплетни неотповикливи оставки од сите можни функции во партијата. Втор услов кој го упати е носителите и коносителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати, а нив ќе ги преземат кандидатите кои следуваат на листите по нив. Димитриевски побара и да се обврзат дека ниту тајно ниту јавно нема да продолжат да заговараат соработка со сегашната ДУИ, за навистина, а не само формално, туку и суштински, да покажат дека ја примиле вистински пораката од граѓаните и постапиле веднаш.
На условите на Димитриевски, освен лидерот на СДСМ од вчерашниот митинг во Аеродром, денеска одговорија и од партијата, од каде што во писмено соопштение наведоа дека не прифаќаат уцени од кого било и оти нема тргување со иднината на државата.
Димитриевски до ВМРО-ДПМНЕ вчера упати порака со која побара партијата да потврди дека се согласува со нивните програмски определби дека не прифаќаат уставни измени под бугарски диктат и не прифаќаат соработка со ДУИ.
Условот што го постави до ВМРО-ДПМНЕ е да потврдат и дека не е точно оти дел од раководството на партијата заговара јавна или тајна соработка со поранешниот премиер Зоран Заев преку неговите фикс кандидати за пратеници, како што е Венко Филипче и други за обезбедување на двотретинско мнозинство во новиот собраниски услов.
Од ВМРО-ДПМНЕ во нивниот одгвор до Димитриевски велат дека немаат разговори ниту со Заев ниту со Ковачевски.
Од ЗНАМ се на потег да повикаат на гласање за претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека не сакаат да веруваат дека постои „тројански коњ“ и продолжена рака на власта во опозицијата.