„Политиките на власта со кошнички се промашени и немаат никаков ефект. Измамата со кошничките граѓаните ја гледаат секој ден во маркетите каде што цените се зголемени“, велат од СДСМ
На еден ден пред воведувањето на новогодишната кошничка со која се очекува намалување на цените на дел од основните производи, денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагираат дека трговците веќе ги зголемиле цените.
Најавите дека бројот на производи опфатени со новогодишната кошничка се зголемува, според СДСМ е залудно затоа што цените во маркетите растат, а граѓаните живеат се потешко.
„Џабе е зголемен бројот на производи кои се дел од новогодишната кошничка кога трговците веќе ги зголемија цените на овие производи. Политиките на власта со кошнички се промашени и немаат никаков ефект. Измамата со кошничките граѓаните ја гледаат секој ден во маркетите каде што цените се зголемени“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Според нив, последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат поголема инфлација за 4,3 отсто во ноември и зголемување на цените на мало за 3,5 отсто, што е, како што велат, доказ дека цените на производите се зголемени.
„Високите цени и инфлацијата ги јадат семејните буџети, граѓаните имаат сè помалку пари, а тоа води кон поголема сиромаштија. Лошите политики на Мицкоски удираат директно по џебот на народот“,
додаваат од опозициската СДСМ.
Оттаму велат дека власта треба да почне да работи за заштита на стандардот на граѓаните и да ги прифати издржаните предлози на СДСМ за намалување на цените и зголемување на платите.
Најавената т.н. новогодишна кошничка ќе стартува на 15 декември и ќе трае до 15 јануари следната година и со неа првично беа опфатени над 700 производи.
Во новогодишната кошничка спаѓаат: леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Листата на прехранбените производи кои се дел од новогодишната кошница граѓаните може да ја најдат на веб-страницата www.mojakosnica.mk. Производите што ќе бидат опфатени со акцијата, во маркетите ќе бидат обележани со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Листата на производи чии цени треба да бидат намалени е скроена, односно понудена во договор со стопанските комори, производителите, трговците и дистрибутерите.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека листата на производи што ќе бидат опфатени во новогодишната кошничка е зголемена на 800 и оти очекува со најавеното намалување на цените да се заштити семејниот буџет.