Настанот за кој обвинува СДСМ се случил за време на хуманитарна акција организирана од советот на родители при кумановското основно училиште „Кочо Рацин“ во кое, како што посочуваат од партијата, работат сопругата на Димитриевски, како и Ивана Георгиевска која по изборите беше реизбрана за претседателка на Советот на Општина Куманово
Опозицискиот СДСМ обвини дека ученици од Основното училиште „Кочо Рацин“ во Куманово биле злоупотребени за политички цели бидејќи, според партијата, биле принудени да ја пеат песната од изборната кампања на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Настанот за кој обвинува СДСМ се случил за време на хуманитарна акција организирана од советот на родители при кумановското училиште во кое, како што посочуваат од партијата, работат сопругата на Димитриевски, како и Ивана Георгиевска која по изборите беше реизбрана за претседателка на Советот на Општина Куманово.
„Наместо вистинска хуманост, на настанот се злоупотребени дечињата и принудени да ја пеат песна од изборната кампања на Димитриевски. Ова е класична злоупотреба на деца за политичка промоција, спротивно на законите и претставува грубо кршење на правата на децата. Член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, строго забранува злоупотреба на децата за политичко организирање и дејствување. Очигледно, за Димитриевски и ЗНАМ нема граници – од тендери, преку политичка пропаганда, до злоупотреба на најмладите“,
велат од СДСМ.
Во врска со случајот, за кој објавија и видеоснимка, опозиционерите бараат институционална реакција од Државниот просветен инспекторат, Министерството за образование и наука и Комисијата за заштита на правата на детето, утврдување одговорност и санкции за сите инволвирани.
