Оттаму велат дека чувствуваат одговорност да реагираат откако премиерот вчера јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилноста во работата на вицепремиерот Меџити
Претставници на опозицискиот Социјалдемократски сојуз денеска во 11 часот во Владата ќе му достават документи на премиерот Христијан Мицкоски, со кои треба да се потврди наводната корупција на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити.

Оттаму велат дека чувствуваат одговорност да реагираат откако премиерот вчера јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилноста во работата на вицепремиерот Меџити.
„Пред да бидат документите предадени во Владата изјава за медиуми ќе даде портпаролката на партијата, Богданка Кузеска“, се вели во соопштението од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на новинарско прашање како го коментира соопштението на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во кое го обвинуваат Изет Меџити за корупција, процеси во кои, според партијата, е вклучен и неговиот шеф на кабинет, рече дека со вицепремиерот има исклучително непосредна и блиска соработка и ги повика сите што имаат докази за ваквите обвинувања да му ги достават, со цел да бидат предадени на органите што постапуваат.
Од ДУИ вчера го осудија корупцискиот скандал во Министерството за животна средина, посочувајќи дека и од страна на Државниот управен инспекторат е потврдена злоупотреба на службената должност на Меџити и на неговиот шеф на кабинетот.