Премиерот, надополнувајќи се во изјавата, го повика СДСМ да ја остави Владата да работи онака како што треба, суптилно додавајќи „да не стигне и до некои поранешни нивни функционери и министри“, алудирајќи на случајот со ИПАРД-фондовите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги отфрли како шпекулации наводите на опозицискиот СДСМ дека скандалот со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството води директно до врвот на власта и ги повика социјалдемократите да не се затскриваат зад прашања, туку да излезат со тврдења ако имаат докази.

Во врска со апсењето на директорот на Агенцијата, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тој и претходно кажал дека тие се единствени како влада, што кога ќе забележат „вакво девијантно однесување“ веднаш реагираат.
„И тоа е вистинска борба против криминал и корупција и тие коишто се вмешани се таму каде што треба да се најдат“,
рече премиерот.
Коментирајќи ја прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, премиерот освен забелешката дека наместо тврдења поставуваат прашања, ги повика сите што имаат докази за злоупотреба да ги доставата за да можат државните органи да дејствуваат.
„Јас ја повикувам опозицијата да не се затскрива зад прашања, туку да излезе со тврдења. Тие држат прес-конференции со прашања. Ако се толку сигурни во тие тврдења нека излезат и нека кажат: Замешан е Христијан Мицкоски, замешан е тој и тој, затоа што вака кукавички не оставаат впечаток. И нека ни помогнат, јас јавно повикувам, еве сите што имаат докази за злоупотреба нека дојдат и нека ги достават тие докази за да можеме ние да делуваме“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на општина Аеродром.
Премиерот, надополнувајќи се во изјавата, го повика СДСМ да ја остави Владата да работи онака како што треба, суптилно додавајќи „да не стигне и до некои поранешни нивни функционери и министри“, алудирајќи на случајот со ИПАРД-фондовите.
„И тогаш да ги видам повторно да излезат на прес-конференција“,
кажа Мицкоски.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција го повика Јавното обвинителство да ја прошири истрагата за корупција во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и на други лица бидејќи, како што велат оттаму, информациите кои ги имаат отвораат сериозен сомнеж дека случајот со злоупотреби во ИПАРД-фондовите води директно до врвот на власта.
Во таа насока, Кузеска рече дека премиерот Христијан Мицкоски ќе мора директно да одговори на неколку прашања, од кои првото што го наведе е: „Дали под истрага се неговите кумашини Игор и Цветанка Миќеви?“
„Дали имало провизии и дали дел од провизиите завршувале кај него или во ВМРО-ДПМНЕ? Дали оваа шема на испумпување пари била начин за финансирање на Мицкоски и партијата? Понатаму, дали и колку пари од субвенции се испрани или е побарано мито за да бидат исплатени? Дали кумот на Мицкоски бил човекот кој вршел рекет врз земјоделците преку негови луѓе во Агенцијата за финансиска поддршка?“,
праша Кузеска.
