Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство мора да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на Мицкоски. Кој сега ќе се извинува, Томовски?, велат од СДСМ
Меѓу телефонските броеви за контакт што ги навела фирмата „Сити аутсорсинг“ е и 078-362-710, а кога тој број ќе се провери, излегува слика на Ивица Томовски, велат од СДСМ во продолжение на т.н. „бомба“ против директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР).
Опозицијата тври дека фирмата која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра е негова семејна. Според СДСМ, фирмата првично се викала „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето бил Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител бил Слободан Кутановски, нивен близок роднина. Подоцна си го сменила името во „Сити аутсорсинг“.
„Меѓу телефонските броеви коишто се наведени во оваа семејна фирма, ‘Сити аутсорсинг’, е и овој број: 078-362-710. Го проверивме овој број и погледнете чија фотографија излегува. На Ивица Томовски. Не дека ова беше неопходно за да се потврдат семејните врски на Ивица со неговиот татко Витомир, ниту, пак, со неговиот роднина Кутановски, кои се во оваа фирма. Затоа, Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство мора да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на Мицкоски. Кој сега ќе се извинува, Томовски?“,
рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.


Откако СДСМ вчера го отвори случајот, Томовски најави дека ќе им поднесе тужба ако партијата не се извини за обвинувањата.
Реагираа и од „Сити аутсорсинг“. Оттаму велат дека Томовски нема никаква деловна, кадровска или друга поврзаност со нив.
Инаку, податоците од „Бизнис мрежа“ покажуваат дека сегашен сопственик и управител на „Сити аутсорсинг“ е Милчо Стрезовски, а извесен Витомир Томовски како сопственик и Слободан Кутановски како управител се бришат на 29.12.2022 година.
Меѓу телефонските контакти поврзани со фирмата, на интернет може да се најде и бројот 078-362-710, за кој СДСМ тврди дека е на Ивица Томовски.
