Опозициската партија бара Владата веднаш да ја повлече одлуката и да го стопира овој сомнителен проект, а Обвинителството итно да отвори предмет и да ја истражи целата шема, вклучително и капиталот на фирмата на Дака
Фирма на Миодраг Давидовиќ-Дака, „Хронос сум“, од јануари годинава е ставена во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година од страна на министерката за енергетика Сања Божиновска, соопштија денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ).
Портпаролката и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција рече дека доделувањето бизнис на компанија чиј сопственик е на „црната листа“ на САД е огромен скандал, од кој партијата на власт, како што додаде, не може да се испере.

„Сега кога Антикорупцискиот тим на СДСМ јавно ги фати живи како спремаат бизниси со човек кој се поврзува со перење пари, криминални структури и е на ‘црната листа’ на САД, ВМРО-ОКГ пробува да се испере. Не поминува, живи сте фатени. Панама, офшор мрежи и сомнителен капитал. За ВМРО-ОКГ сè е бизнис и ниту ‘црната листа’ на САД не е пречка“,
рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Според неа, скандалот е уште поголем ако се знае дека станува збор за истиот субјект што со години стоел без реализација, а сега одеднаш, кога ВМРО-ДПМНЕ се на власт, повторно оживува.
„Потонаа сите лаги на Александар Николоски и ВМРО-ОКГ. Во опозиција го напаѓаа Миодраг Давидовиќ-Дака, а сега кога се на власт, Божиновска му отвори врата во бизнис-мрежата на македонската енергетика“,
рече портпаролката на СДСМ.
Ова, според Кузеска, е класичен пример како функционира ВМРО-ОКГ.
„Додека граѓаните плаќаат скапа струја, ЕЛЕМ има загуби од 100 милиони евра годишно, а тие договараат бизниси со сомнителни партнери“,
вели таа.
Од СДСМ бараат Владата веднаш да ја повлече одлуката и да го стопира овој сомнителен проект, а Обвинителството итно да отвори предмет и да ја истражи целата шема, вклучително и капиталот на фирмата на Дака.
