„Ќе го направи ли ова Бојан Стојановски и зошто не?“, праша попладнево на прес-конференцијата Јовица Јанковиќ од СДСМ
Денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на кој тој говереше за економската состојба во земјава и други актуелни теми, беше повод по неа да уследат реакции и контрарекации меѓу владејачката партија и нивниот политички опонент Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Имено, Филипче, осврнувајќи за економската параметри во државата, кажа дека политиката на Владата во овој сегмент е најлоша во историјата, наведувајќи дека по 15 месеци од нејзиното владеење економската состојба на граѓаните е влошена, додека буџетските средства се трошат за лични интереси.
На наводите на лидерот на СДСМ, веднаш реагираа од владејчката ВМРО-ДПМНЕ, чиј пратеник во Собранието Бојан Стојановски наводите на Филипче ги оцени како лаги, обвинувајќи ги социјалдемократите дека со празни бројки и манипулации се обидуваат да ја прикријат вистината дека Македонија е држава со стабилни финансии и која по години пустош и корупција почнала да се обновува.
На обвинувањата на Стојановски, попладнево, исто така, на прес-конференција, одговори Јовица Јанковиќ од СДСМ, кој меѓу другото, го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ да дојде во Собранието и заедно со неговите колеги од владејачкото мнозинство да го поддржат предлогот за зголемување на минималната плата на 500 евра
„Очигледно Бојан Стојановски одработува за нечии бизнис интереси штом зборува лаги во кои ниту тој самиот не верува. За катастрофалната економска состојба во која ја доведоа државата се знае кој е крив, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и неспособната влада. А Бојан Стојановски може да докаже на дело дека навистина мисли на работниците и на граѓаните, во македонското Собрание. Еве, за почеток нека ги поддржи предлозите на СДСМ за: зголемување на минималната плата на 500 евра, укинување на ДДВ за храната и основните прехранбени производи, континуирано покачување на платите во сите сектори“,
рече Јанковиќ.
Тој упати порака до пратеникот да ги повика и неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за овие решенија и да побара, како што рече, од неговата Влада да се откаже од луксузирањата со парите на граѓаните за папаја и манго
„Ќе го направи ли ова Бојан Стојановски и зошто не?“,
праша на крајот од прес-конференцијата Јанковиќ.
Инаку, СДСМ пред извесен период поднесе предлог-закон во Собранието за зголемување на минималната плата на 500 евра, но нивниот предлог не беше поддржан од мнозинството. Пораст на минималната плата бараат и од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Филипче на денешната прес-конференција ја оцени како „економска неукост“ изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека платите не смеат да растат поради инфлацијата.
Лидерот за СДСМ, посочи и на последните податоци од Евростат, според кои, како што кажа, македонската просечна плата е само 35 отсто од просекот во ЕУ, додека цените достигнуваат 60 проценти од европскиот просек. Тоа, како што рече, е поразително.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојаноски, пак, во реакцијата, покрај за економијата се осврна и на најавите за можни коалиции на СДСМ во вториот круг на локалните избори, оценувајќи дека, Филипче всушност најавил коалиција со ДУИ.