Според соопштението на партијата, две недели по обелоденувањето на случајот, министерот Трипуновски „бега од одговорност и од вистината“ во врска со суспензијата на европските пари

Опозициската СДСМ денеска побара од Владата да го повика на одговорност актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, за, како што го нарекоа, „мега-скандалот“ со суспендирањето на ИПАРД средствата во износ од над 130 милиони евра.
Според соопштението на партијата, две недели по обелоденувањето на случајот, министерот Трипуновски „бега од одговорност и од вистината“ во врска со суспензијата на европските пари.
„Наместо конкретни одговори, тој на официјално барање од собраниско тело испраќа документ без содржина, без причина за суспензијата, без рокови, без план како да се надмине кризата. Едно големо ништо“,
се вели во соопштението на СДСМ.
СДСМ нагласува дека оваа состојба е „срам и навреда“ за економијата и земјоделскиот сектор, бидејќи директно влијае врз 3 000 потенцијални нови бизниси и 10 000 работни места кои се блокирани, како и за сите земјоделци кои со години вложуваат труд, кредити и лични пари за да ги реализираат своите инвестиции.
Партијата ја прашува Владата зошто го штити Трипуновски за скандалот, и бараат наместо да се обидува да го минимизира случајот, веднаш да се преземат мерки.
„Министер кој јавно тврди дека не чувствува одговорност за скандал тежок 130 милиони евра од сопствениот ресор не смее да остане на функција. Министер кој ја крие вистината од земјоделците и кој го загрозува нивниот опстанок нема кредибилитет да го води земјоделството“,
се додава во соопштението.
За потсетување, Илија Стоилев, кој ја извршуваше функцијата директор на Платежната агенција, на 6 ноември беше уапсен и притворен под сомнение за земање мито, а потоа и разрешен од функцијата. Вчера, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски соопшти дека нов директор на Платежната агенција е Даниела Лазарова Иротова, поранешен државен советник во Министерството за земјоделство.
