Од СДСМ го обвинија Деспотовски дека во договор со членови на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се обидува да ја дестабилизира партијата. Деспотовски испрати порака до актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, нагласувајќи дека партијата имала и ќе има поголеми личности од него

Опозицискиот СДСМ денеска соопшти дека до надлежните органи на партијата, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ ќе достави барање за итно исклучување на Јован Деспотовски од партијата. Како што тврдат од СДСМ, Деспотовски, во договор со членови на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се обидува да ја дестабилизира партијата. Причината за тоа, посочуваат од СДСМ, е тоа што партискиот Антикорупцискиот тим (АКТ) изнел сериозни податоци за криминал и корупција на владата преку тендери.
„Цел еден систем, еден октопод кој е инструиран од СНС и кој во целост управува со коалицијата ВМРО–ЗНАМ ја спроведува оваа кампања. Граѓаните можеа да ги видат овие обиди секој ден. Прво имаше настапи на еден поранешен функционер. Потоа излегоа наводни иницијативи на двајца поранешни функционери кои јавно не се појавија. Па се вклучија целосно ирелевантни ликови кои одамна не се дел од СДСМ, туку завршија во ЗНАМ. Сите во исто време, откако СДСМ се крена и АКТ почна да ги објавува доказите“,
соопштија од СДСМ.
Оттаму обвинуваат дека Деспотовски, за лични амбиции, одлучил да го продаде се она што претставува СДСМ.
„Еден наш член, Јован Деспотовски, по неуспешното медиумско прво обраќање, ја продолжи кампањата против СДСМ во еден сериозен и релевантен медиум. Станува збор за поранешен функционер на СДСМ и поранешен директор на големи државни фирми, ФИТР и ТИРЗ, со големи буџети. Целта е рушење на СДСМ и замолчување, да прекинеме со објавувањето на криминалот на власта. Јован Деспотовски заради лични амбиции и фрустрации – продаде сè што претставува СДСМ, не предаде сите нас, членовите на СДСМ. За неговото однесување додека беше на функција сведочеа многу членови на СДСМ. Сега целосно го покажа своето вистинско лице. Поради тоа, овој случај го доставуваме до надлежните органи на СДСМ, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ со барање за итно исклучување на Јован Деспотовски од партијата. Со тоа ќе се зачува интегритетот на СДСМ, ќе се заштитат нашите демократски вредности и борбата за подобро општество, и ќе се спречи понатамошна штета од петтоколонашите во нашите редови“,
информираа од „Бихаќка“.
По ова се огласи Деспотовски изразувајќи јавно разочарување од одлуките на актуелното раководство и со констатација дека не очекувал од неговата матична партија да го остави целосно без зборови и коментар.
„Искрено, после 30 години политички стаж најмалку очекував токму мојата матична партија да ме остави целосно без зборови и коментар. Во сите јавни настапи сум бил максимално умерен дури и во ситуации и за луѓе кои апсолутно заслужиле остар став. Ако таа умереност сега станува закана за актуелниот партиски врв тогаш СДСМ има многу поголем проблем отколку што и мислиме“,
истакнува тој во реакцијата.
Деспотовски испрати и порака до актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, нагласувајќи дека партијата имала и ќе има поголеми личности од него.
„СДСМ имала и ќе има многу поголеми личности од актуелниот претседател. И, никој од нив никогаш не се ставил над партијата, над нашето семејство. Тоа не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде. Една лична порака за крај или за почеток – Венко, со една одлука не можеш, ниту ќе дозволам да избришеш 30 години работа, љубов и жртва“,
нагласува Деспотовски.
