Тендерот е шиење по мерка – ама не за полицијата, туку за партиските и бизнис интереси блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е случајност. Ова е дел од тендерските шеми на ВМРО-ДПМНЕ и системската корупција која го јаде општеството, рече Кузеска
Договори од милионски износи се доделени на фирми без никакви капацитети, без претходно релевантно искуство, па дури и без никаква историја на јавни набавки за вакви или за други слични потреби, а некои од нив се отворени буквално 20 дена пред тендерот. Ова го посочи портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на денешната прес-конфернеција во врска со тендерот за униформи за специјалните единици во МВР, што според неа претставува нов скандал во Министерството за внатрешни работи водено од Панче Тошковски, нов сомнителен случај вреден речиси четири милиони евра, кој ги носи сите обележја на скандалозните тендерски мрежи на ВМРО-ДПМНЕ.
Тендерот како што кажа таа, е скандалозен и е дел од системска корупција која ја јаде земјата, бизнис интерес на мала група луѓе околу центрите на моќ на ВМРО-ДПМНЕ.
„Фирмата ’Ле Бранд Дизајн’ од Битола, модно студио со просечен годишен приход од едвај 20.000 евра и само двајца вработени, добива тендер од над 2 милиони евра за шиење специјални полициски униформи. До вчера двајца вработени шиеја фустани, денес со двајца вработени треба да опремат специјални единици! Кој е овде наивен? Фирмата ’Памитекс Тим’ е регистрирана само 20 дена пред распишувањето на тендерот, без веб-страница, без историја на набавки, без транспарентност. Ете ваква фирма добива тендер од 1.710.000 евра“,
рече Кузеска.

МВР, како што кажа Кузеска, ги отстранило сите критериуми што би овозможиле транспарентна и правична конкуренција – нема услов за претходно искуство, нема минимум приходи, нема проверка на реални капацитети.
„Тендерот е шиење по мерка – ама не за полицијата, туку за партиските и бизнис интереси блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е случајност. Ова е дел од тендерските шеми на ВМРО-ДПМНЕ и системската корупција која го јаде општеството“,
додаде Кузеска.
Од СДСМ го прашуваат министерот Тошковски кој навистина ќе ги шие униформите и каде ќе завршат парите, кој ќе одговара ако униформите не стигнат, не се со потребниот квалитет, или ако бидат неупотребливи за полициските специјалци?
„СДСМ бара: итна постапка од Јавното обвинителство за сомнежи за злоупотреба на службена положба, местење тендер и можно перење пари. Поништување на скандалозниот тендер. Отворање нова, транспарентна постапка со објективни критериуми“,
посочи портпаролката на СДСМ.
„360 степени“ веќе објави дека модното студио „Ле бранд дизајн“ од Битола, кое последниве години има приходи од околу 20 илјади евра на годишно ниво и просечно два до три вработени, го добило делот за униформа во шара чија вредност може да достигне 2,13 милиони евра. Фирмата „Памитекс тим“, формирана 20 дена пред да се распише тендерот и со сопствеништво од Србија, го добила делот од договорот за еднобојни униформи вреден 1,7 милиони евра.
Од МВР за „360 степени“ кажаа дека и двете фирми преку доставените мостри кои се барале во тендерската документација докажале дека поседуваат техничка способност да ги сошијат униформите. Додаваат и дека двете фирми ги исполниле условите пропишани во тендерот, кои патем, се поставени без услови за претходно искуство, број на вработени, минимален годишен приход или слично.