„Сето ова е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ го претвора М-НАВ во партиска филијала наместо во професионална служба што штити животи“, велат од опозицијата за огласот за вработување во М-НАВ, на кој се избрани лица блиски до владејачката партија, меѓу кои сопружник на актуелна функционерка, како и еден од првите луѓе во раководството на младинска организација во рамките на партијата на власт
Опозицискиот социјалдемократски сојуз (СДСМ) бара итно поништување на спорниот оглас за вработување во Македонската навигација (М-НАВ), обвинувајќи ја владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека врши партизација на институцијата што се грижи за безбедноста на авиосообраќајот.

Порталот „Сакам да кажам“ (СДК.мк) објави дека на огласот за вработување во оваа институција се избрани Ивана Југ, сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година; Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар на Македонија; и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев.
„Сето ова е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ го претвора М-НАВ во партиска филијала, наместо во професионална служба што штити животи“,
велат од СДСМ.
Опозицијата смета дека со избраните кандидати се врши упад во институцијата отфрлајќи кадри што ги имаат сите потребни квалификации, а се примаат партиски војници.
„Некои од кандидатите дури не знаеле англиски јазик, а сепак биле фаворизирани, додека другите кандидати без партиски врски биле одбиени. За скандалот да е поголем, интервјуата ги вршеле директорите од Управниот одбор на М-НАВ без претставници на Синдикатот на контролори на летање“,
се вели во партиското соопштение.
Опозицијата, покрај поништување на спорниот оглас бара и враќање на професионалните критериуми за вработување во М-НАВ, како и оставка од сите што го овозможија, како што додаваат, овој срам.
Како што објави „СДК“, на огласот за вработување М-НАВ, по најавата на контролорите на летање дека на 10 јули ќе штрајкуваат, и потоа ставањето на процесот во мирување, се избрани лица блиски до владејачката партија, меѓу кои сопружник на актуелна функционерка, како и еден од првите луѓе во раководството на организација во рамките на партијата на власт.
Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) во јуни му постави ултиматум на раководството на М-НАВ, со кој побара поништување на последниот оглас за нови вработувања и итна реализација на неисполнетите точки од минатогодишната спогодба.
Но, закажаниот штрајк на контролорите за летање на 10 јули беше ставен во мирување, а претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, рече дека одлуката е донесена оти барањата на синдикатот се придвижуваат, поточно, одобрено е барањето за вработување контролори и за спроведување функционална анализа која треба да определи кои работни места и колкав број извршители се потребни.