Пратениците од сите политички партии имаат одговорност да работат за граѓаните, а не за нечии туѓи интереси, пратениците имаат обврска да обезбедат европска иднина на државата, порача денеска пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ
Одговорност е на законодавниот дом е носење на натамошни заклучоци согласно собраниските процедури за европскиот предлог, порачаа денеска од пратеничката група на СДСМ откако вчера Владата до Собранието ја достави информацијата за предлог-преговарачката рамка од француското претседателство за преговорите со ЕУ.
„Сите политички партии, сите пратеници во Собранието треба да покажат одговорност, државност, да придонесат со дијалог, конструктивност во носењето на конечната одлука“,
рече на прес-конференција во Собранието, пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ.
Тој порача дека неговата партија во однос на предлогот има заклучоци кои гарантираат доследно придржување кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ.
Она што ќе се усвои во Собранието, рече Коциќ, треба да биде во рамки на црвените линии зацртани со резолуцијата што ја донесоа пратениците.
„Да се постапува целосно во согласност со стратешките определби на земјата за интеграција и полноправно членство во Европската Унија со исклучување на билатерални историски и образовни елементи во рамката. Секако сè што ќе се усвои да биде во рамки на црвените линии дефинирани во Резолуцијата што пратениците со консензус ја усвоија“,
рече Коциќ.
Тој се осврна и на протестите, кои како што рече, се организирани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а не се поврзани со европскиот предлог за почеток на преговорите туку, според него, се насочени само за рушење на владата.
„Но, тоа не успеа. Во овие неколку денови целата јавност од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците виде борба за гола власт, обид за поигрување со чувствата на граѓаните, намерно создавање тензии, поделби, конфликти и загрозување на стабилноста преку крвави сценарија. Токму неуспехот на овие мрачни сценарија доведе до растурање на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Откако пропаднаа сите обиди за дестабилизација, сега Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да престанат со деструкциите. Пратениците од сите политички партии имаат одговорност да работат за граѓаните, а не за нечии туѓи интереси, пратениците имаат обврска да обезбедат европска иднина на државата“,
рече Коциќ на прес-конференцијата.
Информацијата за предлогот од француското претседателство владата ја разгледа на седница вчера по што веднаш ја испрати до Собранието. Синоќа од кабинетот на претседателот на парламентот, Талат Џафери, најавија дека согласно процедурите, материјалите добиени од Владата ќе се достават до пратениците. За понатамошната процедура, рекоа оттаму, соодветно и навремено ќе информираат.