Осуда и одговорност за овој случај, кој, како што велат од партијата, можел да биде спречен, не се прашања на политика туку на човечки и етички норми
Опозицискиот СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и разрешување на Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес по трагедијата во која беа убиени 31-годишна жена и нејзиниот татко.

Осуда и одговорност за овој случај, кој, како што велат од партијата, можел да биде спречен, не се прашања на политика туку на човечки и етички норми.
„Жената повеќепати барала заштита, пријавувала закани, насилство, кражби, според некои медиуми над 70 пати. Полицијата знаела, социјалните служби знаеле, институциите не мрднале со прст. Страшно и болно истовремено. Институциите не успеаја да заштитат живот на една жена и на еден човек. Само поради нивното молчење и непреземање ништо има два згаснати животи“,
Опозиционерите додаваат дека случајот е порака дека системот потфрлил, а кога тоа се случува, како што велат, мора да има одговорност, а тој систем мора да се промени од корен.
Обвинителството вчера излезе со хронологија на настани кои му претходеле на убиството во понеделникот, а кои се однесуваат на пријави што сега веќе убиената жена ги поднесувала до институциите во врска различни дела сторени од нејзиниот поранешен партнер, меѓу кои и насилство.