„Уште колку жртви, што уште треба трагично да заврши за Панче Тошковски да си поднесе оставка?“, праша Борозан

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и денеска побараа оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за, како што велат, несоодветна и ненавремена реакција за заштита на жртвите од семејно, физичко и психичко насилство.
Маја Борозан од Форумот на жени на СДСМ денеска на прес-конференција говореше за неколку случаи за кои вели дека немало навремена реакција.
„Уште колку жртви, што уште треба трагично да заврши за Панче Тошковски да си поднесе оставка?“,
праша Борозан.
Борозан го спомена и денешниот случај за кој информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР) во кој насилник при расправија со сопругата и трите ќерки употребил огнено оружје.
Според Борозан, пропусти на МВР имало во трагедијата во Карпош во која животите ги загубија мајка и малолетно дете.
„Две години постојано имало пријави за семејно, физичко и психичко насилство, вкупно 12 пријави. МВР на Панче Тошковски имале сознанија, имале индиции за сериозен ризик но со несоодветна и ненавремена реакција не ги заштитиле жртвите“,
рече таа.
МВР, вели Борозан, потфрлиле и со случајот во Велес и со серискиот убиец во Старо Нагоричане.
„Две години ги игнорирале пријавите на жителите дека сторителот се прикрадува во дворови и демне. Првично, жртвите биле третирани како ’природна смрт’, не била правена обдукција, немало истрага“,
додаде таа.
Проблемот почнува од врвот, додаде Борозан барајќи оставка од Тошковски.
СДСМ и пред два дена побара оставка од министерот Тошковски кога се случи трагедијата во скопски Карпош. Тогаш од „Бихаќска“, покрај оставка од Тошковски, побараа и соодветна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службеници од МВР, центрите за социјални работи и кај сите останати институции кои биле надлежни да реагираат на околностите на семејно насилство на кои била изложена жената изминатиот период.
