„Болниците кубурат со основни медицински материјали, листите за чекање се огромни, а новопоставените директори ги заплашуваат здравствените работници за да не зборуваат јавно за проблемите во здравството“, велат од СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) бара оставки од министерот за здравство Арбен Таравари и од директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, поради тоа што алармантно расте бројот на смртните случаи на Клиниката.
Од СДСМ велат дека мора да има одговорност за починатото седуммесечно бебе, за кое вчера министерот Таравари рече дека немало лекарска грешка.
Според СДСМ, состојбите во здравството се влошуваат од ден во ден и затоа бараат одговорност за она што се случува.
„Јавноста е сведок дека има обиди да се заташка последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести, кое било одбиено за хоспитализација, без да се издаде никакво образложение за причините“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Од партијата упатуваат и прашања зошто бебето не било примено на Клиниката и зошто немало специјалист кога тоа било донесено.
Оттаму велат дека во изминатите седум месеци се починати 20 деца и поради тоа бараат Таравари заедно со директорот на Клиниката за детски болести Мемеди да излезат и да си поднесат оставки.
„Кој е одговорен за ова? Кого штити Таравари? Себеси? Неговиот кадар Мемеди?“,
прашуваат од СДСМ.
Освен за состојбата со починатите бебиња, од СДСМ велат дека катастрофата во здравството не може да се крие.
„Болниците кубурат со основни медицински материјали, листите за чекање се огромни, а новопоставените директори ги заплашуваат здравствените работници за да не зборуваат јавно за проблемите во здравството“,
додаваат од партијата во денешното соопштение.
Вчера министерот за здравство Арбен Таравари рече дека за смртта на седуммесечното бебе кое почина на Детската клиника на 16 декември нема одговорност од докторите.
Според Таравари, среќа е што професионалците констатирале дека докторите немаат никаква грешка.
На дополнително прашање каде бил проблемот, Таравари рече дека можеби болеста си го направила своето или можеби детето било подоцна донесено на Клиниката.
За овој случај Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши вонреден инспекциски надзор на Детската клиника и предложи Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор на лекувањето на починатото седуммесечно бебе.