Од владејачката партија одговорија на обвинувањата на опозицијата и посочија дека заврши времето кога директор на Фондот од СДСМ трупал пари во торба
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска побара оставка од Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Оттаму сметаат дека за 11 месеци ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ го оставија ФЗО празен, болниците не функционираат, а здравствениот систем е на колена.

Според опозицијата, судејќи по последната изјава на Клековски, се подготвува и зголемување на придонесот за здравствено осигурување.
„Наместо да ги расчисти криминалните тендери, да обезбедат лекови во болниците, да обезбеди вработувања и услови, Владата најавува зголемување на придонесите. Тоа значи дека повеќе ќе ви земаат, а уште помалку ќе добиете. Нов товар за секој работник, секое семејство, секој стопанственик“,
велат од СДСМ.
Оттаму прашуваат и каде се досега парите од придонесите и кој профитира додека пациенти страдаат.
„Дали фалат пари само затоа што на две фирми им се даваа огромни буџети од Фондот? Зголемување на здравственото осигурување не е реформа. Тоа е обид за покривање на неспособноста. Кој профитира од страдањето на пациентите? Кој прави бизнис со здравјето на народот? Граѓаните не смеат да ја платат цената за неспособноста на оваа власт“,
пишува во партиското соопштение.
Од партијата на власт одговорија на обвинувањата на опозицијата и посочија дека заврши времето кога директор на Фондот од СДСМ трупал пари во торба.
„Партијата чиј директор на ФЗОМ, Ден Дончев трупаше туциња пари во торба, во мизерен обид лаже и манипулира за работата на Фондот. Заврши времето кога министерот Филипче договараше провизии од вакцини. Заврши времето на обидите за приватизација на јавното здравство од Дубаи лекарот Филипче“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.