Најави дека за ова ќе достават и официјални, детални и референцијални елаборација и до амбасадите на Европската Унија, Соединетите Американски Држави, до ОБСЕ и Советот на Европа, но и до другите релевантни домашни и меѓународни институции
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) бара од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не ги потпишува указите за законите за полиција и внатрешни работи, бидејќи со измените ќе се укине професионализмот во полицијата, која на тој начин ќе биде под директна команда на министерот за внатрешни работи.

„Со новите т.н. закони, министерот Тошковски добива неограничена моќ и значително проширени дискрециони овластувања. Сега, тој ќе може да предлага директор на Бирото за јавна безбедност, од најшироките области на општествени науки, што е невиден преседан што цели кон целосно хендикипирање на професионализмот во Министерството за внатрешни работи. Сега тој сам ќе може да постапува началници на Сектори за внатрешни работи и командири, без да исполнуваат основни критериуми за стаж, без да имаат искуство или претходно постигнати резултати. Се бришат и основните професионални критериуми за раководни позиции, што отвора широк простор за инсталација на партиски кадри без соодветно оперативно искуство“,
рече потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.
На денешната прес-конференција, како што рече таа, во пресрет на закажаниот состанок на Советот за безбедност, СДСМ со голема загриженост се обраќа до претседателката Гордана Силјановска-Давкова, со барање и апел да не ги потпишува указите за Законите за полиција и внатрешни работи.
Според неа, од законите е избришан условот со кој се предвидуваат извесен број на години на искуство и стаж за напредување на највисоките раководни позиции, што практично, како што рече, значи дека началник може да стане кој било, дури и приправник.
Загрижувачки, како што рече Чупеска, се и одредбите кои отвораат простор за масовно следење преку биометриски податоци, како и одредбата со која се отвора простор полициски службеници кои се осудени со правосилна пресуда за кривични дела кои предвидуваат минимум шест месеци затвор да може да бидат вработени на раководни позиции во Министерството.
„Сите овие опасни, недемократски и антиевропски измени не можат да водат кон ништо друго освен кон тотална партизација, зголемена репресија и уривање на човековите права, накратко, водат кон полициска држава. Ова не се закони, ова е легализација на еден манифест на авторитаризам. Таканаречените закони се длабоко компромитирачки, неевропски и поради тоа што предвидуваат укинување на регионалните центри за гранични работи, што е чекор до укинување на граничната полиција. И ова во контекст на соработка со Фронтекс е високо ризичен потег. Бидејќи, Граничната полиција, мора да има посебен статус и оперативна независност“,
кажа таа.
Најви дека за ова ќе достават и официјални, детални и референцијални елаборација и до амбасадите на Европската Унија, Соединетите Американски Држави, до ОБСЕ и Советот на Европа, но и до другите релевантни домашни и меѓународни институции.
„Ние сме длабоко сме убедени дека претседателката има и сила и волја да застане на страната на уставноста, на демократијата и особено на страна ма мерит-систем за кој знаеме дека неуморно се залага. Сега има неповторлива шанса ова да го покаже и на дело“,
вели Чупеска.
На крајот од прес-конференција, заклучи дека нема да дозволат оваа власт да ја претвори полицијата во партиска милиција, односно државата да ја претвори во полициска држава.