Од опозициската партија предупредуваат дека измените се антиевропски, опасни и скандалозни и оти за крајна цел имаат целосна партизација на полицијата
СДСМ остро реагира на предлог-измените на Законот за полиција тврдејќи дека министерот Панче Тошковски оди по стапките на поранешниот премиер Никола Груевски, во обид да воспостави целосна партиска контрола врз Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека во предлог-измените нема реформи, туку само обид Тошковски да го претвори МВР во параполициски апарат кој ќе биде во служба на криминалот и интересите на ВМРО-ДПМНЕ и оти ова претставува класичен рецепт за создавање на полициска држава.
„Се укинуваат професионалните стандарди – се намалуваат критериумите за образование и искуство, се урива кариерниот систем, а началници ќе може да стануваат лица по личен избор на министерот. Дополнително, со укинувањето на регионалните гранични центри се загрозува контролата на границите, а со можноста за бришење полициски податоци се отвора простор за прикривање криминал“,
велат од СДСМ.
Дополнително, велат и дека измените дискриминираат млади лица со зголемување на старосната граница за вработување, со што се отвора пат за партиски кадри, а со укинување на членот што забранува вработување на осудени лица, полицијата може да стане „прибежиште за криминалци“.
„Станува збор за директен удар врз безбедносниот систем, врз професионалците во МВР и врз довербата на граѓаните. Ова е обид за создавање партиска милиција под капата на Тошковски. Полицијата мора да остане во служба на граѓаните – а не во служба на партиска мафија. Во Македонија нема место за нова верзија на груевизам со Тошковски во главна улога“,
заклучуваат од СДСМ.