Според Кузеска, се работи за скандал од огромни размери, кој, како што рече, директно го разоткрива длабокиот криминал на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, и тој мора целосно да биде расчистен
Владата молчи и по десет дена од објавувањето на скандалот со заплената на пет тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија, и не одговара на прашањата, како камионите со дрога ја преминале македонската граница и кој ќе одговара, реагираат од СДСМ.

„Молкот не е случајност туку јасен индикатор дека овој скандал води до врвот на власта и дека некој се обидува да го заташка. Затоа што е јасно, без поддршка и логистика на структури во власта, во МВР, во Царината и во други институции, ваква шверцерска операција на дрога не била возможна. Во медиумите беа објавени информации дека камионите што ја превезувале дрогата биле пломбирани. Ако е ова точно, се отвораат и нови аспекти за тоа кој се вмешан. Секоја стока што преминува преку граница мора да биде тарифирана согласно тарифни броеви. Ако на овој начин била пренесена дрогата, биле ставени други тарифни броеви што води до заклучок дека станува збор за организирана група, директно поврзана со повеќе институции“,
изјави на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на партијата.
Таа оцени дека се работи за скандал од огромни размери, кој, како што рече, директно го разоткрива длабокиот криминал на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, и тој мора целосно да биде расчистен.
„Според неофицијални информации објавени во српските медиуми, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога – ДЕА. Очајните обиди со медиумска кампања да се дефокусира вниманието на граѓаните од овој скандал нема да поминат. СДСМ бара итна, независна и транспарентна истрага за целосно расчистување на скандалот која ќе ги даде одговорите: Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку македонската граница? Дали лицето Симе, кое јавноста го виде на фотографии со Мицкоски, е дел од оваа мрежа? Ова нема лесно да заврши. Вистината ќе излезе на виделина, а одговорност ќе има – за сите, без исклучок“,
порача Кузеска.
