„Уште колку луѓе треба да загинат по улиците за Тошковски да понесе одговорност“, прашуваат од опозицијата
Криминалната престрелка на Бит-пазар проследена со смртни последици е уште еден доказ за несериозното нарушување на јавната безбедност и нефункционирање на институциите под раководството на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Ова попладнево го соопштија од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), коментирајќи ја денешната вооружана престрелка што се случи во близина на полициската станица на Бит-пазар, а во која едно лице им подлегна на повредите.

„Бараме итна и транспарентна истрага за престрелката, целосно расветлување на настанот и изведување на виновниците пред лицето на правдата“,
велат од партијата.
Оттаму посочија дека наместо навремена и ефикасна превенција и реакција, владее институционален хаос и нефункционалност на Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Уште колку луѓе треба да загинат по улиците за Тошковски да понесе одговорност“,
прашуваат од СДСМ.
Според опозицијата, потребни се промена на безбедносниот систем и засилени мерки за зајакнување на јавната безбедност.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево информираа дека почина повредениот во престрелката што денеска се случи во близина на полициската станица на Бит-пазар.
Како што претходно информираа од полицијата, денеска околу 14 часот на улицата „Војдан Чернодрински“ на Бит-пазар се случило пукање од огнено оружје.