Реакцијата на опозициската СДСМ доаѓа откако вчера на социјалните мрежи се појави скандалозно видео во кое тој зборува за „шмркање бело“, по што набрзо тој беше разрешен од директорската позиција
Повлекувањето или разрешувањето на директорот на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, не е доволно, вели Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ. Таа вели дека овој случај е огромен скандал на власта, и затоа е потребна темелна истрага на целокупната негова работа и да сноси кривична одговорност, оти станува збор за доктор кој се грижи за здравјето на луѓето.
„Ако лице што управува со здравствена установа користело дрога, тоа отвора прашање како тоа влијаело врз неговите одлуки како директор, врз здравјето на пациентите, врз безбедноста и функционирањето на системот на клиниката“,
вели Радеска.
Дополнително, таа ги повика сите надлежни институции веднаш да го повикаат на распит и да ја преиспитаат целата работа на директорот, вклучително тендери, финансиски трансакции, кадровски решенија и клинички процедури.
„Особено што Државната ревизија веќе констатираше неправилности во клиничките испитувања и процедури. Одговорност мора да има, без разлика кој е и без разлика колку е близок до Христијан Мицкоски“,
рече Радеска.
Радеска кажа и дека министерот за здравство мора да побара од Лекарската комора, додека трае истрагата, на Кузмановски да му биде одземена лиценцата за работа бидејќи, како што кажа, не е прифатливо лице што користи дрога да раководи со здравјето на пациентите.
Вчера на социјалните мрежи се појави скандалозно видео во кое се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Набрзо по разрешувањето, д-р Кузмановски се огласи на социјалните мрежи, каде напиша дека се кае и се извини за постапките.