„Актерката со години беше дел од режимот, а најпозната е по скандалозното барање ‘Шарената револуција’ да се спречи со гумени куршуми“, оценија од СДСМ на прес-конференција
Да биде повлечен предлогот актерката Јелена Жугиќ, поранешна советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, да биде член на Управниот одбор на Младинскиот културен центар (МКЦ), бара СДСМ, од каде што оценуваат дека новата скопска градоначалничка Данела Арсовска покажува неспособност и носи одлуки што се спротивни на интересите на граѓаните.
„СДСМ и граѓаните се противат на партизацијата и на последните скандалозни предлози на ‘независната’ Данела Арсовска за поставување лица на режимот на клучни позиции. Предлогот Јелена Жугиќ да биде член на Управниот одбор на култниот МКЦ треба да биде повлечен. Актерката со години беше дел од режимот, а најпозната е по скандалозното барање ‘Шарената револуција’ да се спречи со гумени куршуми. МКЦ не смее да се уништува со лица од режимот. Во оваа институција потребни се луѓе, професионалци со суштинско познавање на независната сцена и култура“,
рече на прес-конференција Стефан Васев од СДСМ.
Тој нагласи дека советниците од СДСМ во Скопје се против ‘грубата партизација на институциите’ под надлежност на градот.
„Наместо да мисли како да ги смести кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска да се зафати за работи за доброто на граѓаните на Скопје“,
рече Васев.
Освен Жугиќ, на списокот со предлози за нови членови во управни и во надзорни одбори на скопски јавни претпријатија и установи се најдоа и тројцата портпароли на ВМРО-ДПМНЕ: Марија Митева и Димче Арсовски, кои беа предложени за членови во УО на „Водовод и канализација“, а Наум Стоилковски во УО на ЈСП „Скопје“. Но тие се повлекоа по реакциите во јавноста, обвинувајќи го СДСМ дека крева врева затоа што стравува дека ќе бидат откриени криминали во градските јавни претпријатија.