Според СДСМ, молкот на институциите не е случаен, туку претставува директна заштита на Груевски, кого го нарекуваат „жив споменик на криминалот на ВМРО“

Дали документите за екстрадиција на Никола Груевски се испратени или не, прашуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Од партијата тврдат дека и покрај постојаниот притисок од јавноста во изминатите 30 дена, одговори од надлежните институции нема.
Според СДСМ, молкот на институциите не е случаен, туку претставува директна заштита на Груевски, кого го нарекуваат „жив споменик на криминалот на ВМРО“.
„Мицкоски и Филков се прават дека не знаат, како да не е нивна работа. А сите знаеме дека намерно го штитат Груевски. Ако Груевски падне, паѓа и целата мрежа, паѓа и Мицкоски“,
стои во партиското соопштение.
Опозицијата смета дека со ваквото однесување Владата ја „гази правдата и државата“ и бара итно преземање на законските чекори. СДСМ бара од власта веднаш да се испратат документите за екстрадиција до унгарските власти или јавно да се признае дека владата на Мицкоски е „официјален штит“ за Никола Груевски.
Од партијата порачуваат дека времето на игри и молчење заврши и бараат правда сега, потенцирајќи дека веќе не смее да има заштита за ниту еден криминалец во државата.
Од СДСМ досега неколку пати побараа да бидат испратени документите за екстрадиција на Никола Груевски. Од Министерството за правда рекоа дека се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино понатамошно процесирање во врска со случајот со поранешниот премиер Никола Груевски.
Според ресорното министерство, постапките се водат согласно важечките закони и меѓународните договори, како и во соработка со надлежните институции од Унгарија.
Оттаму додадоа дека сите активности се спроведуваат низ институционален процес, без влијание на политички изјави или квалификации, како и дека остануваат посветени на владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок.
