„Прашањето е кој друг од власта е вмешан? Не може да има толку многу корупција во пониските ешалони, а оние од врвот во Министерството и во најкорумпираната влада на Мицкоски да не знаеле“, велат од опозициската партија
Опозицискиот СДСМ бара детална истрага за случајот во кој е уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев, кому од вчера му е одреден 30-дневен притвор поради сомнение за примање мито.

„Прашањето е кој друг од власта е вмешан? Не може да има толку многу корупција во пониските ешалони, а оние од врвот во Министерството и во најкорумпираната влада на Мицкоски да не знаеле“,
велат од СДСМ и бараат истрагата да утврди одговорност за сите инволвирани во случајот.
Случајот со Анакиев опозиционерите го нарекоа уште еден доказ за работењето на, како што велат, организираната криминална група – ВМРО.
„Пред само неколку месеци се случи корупциски скандал во кој директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството исто така беше уапсен за мито од 50 000 евра. Поради овој корупциски скандал, беше суспендирана ИПАРД 3 програмата вредна 130 милиони евра. Блокирана ИПАРД 3 програмата, намалени субвенции за 40 отсто, намалени откупни цени поради криминалците од власта страдаат земјоделците“,
додаваат од Социјалдемократскиот сојуз.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев во четвртокот вечерта беше уапсен во акција на МВР и ОЈО ГОКК поради сомнение за примање поткуп од 50 000 евра.
На предлог на ОЈО ГОКК, Основниот кривичен суд вчера на Анакиев му одреди 30-дневен притвор.
