Од владејачката партија велат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно се појавува на настани во општините каде што, всушност, се продолжуваат проекти на претходните градоначалници
СДСМ ја повикува Антикорупциската комисија да реагира поради тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во последниот период, како што велат, секојдневно се појавува на настани во општините каде што се продолжуваат проекти на претходните градоначалници.
Наместо пред граѓаните, градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ своите проекти ги промовираат пред нивниот партиски лидер. Изминатата недела, во работно време, градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вршеа увид и пуштаа во употреба локални проекти. Дали се тоа градоначалници на сите граѓани или градоначалници само на ВМРО-ДПМНЕ? Мицкоски со неговите увиди врши груба партизација на општините. Во кое својство Мицкоски врши увиди, па дури и разговара со директори на Јавни претпријатија под надлежност на општините“,
се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата прашуваат дали Државната комисија за спречување на корупцијата ќе реагира за оваа, како што велат, злоупотреба или чека некој друг да поднесе претставка?
„Мицкоски со ваквите постапки само докажува дека не е излезен од режимската матрица, од времето кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше и премиер и министер и градоначалник. Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е само копија на неговиот ментор и криминалец во бегство, Никола Груевски“,
обвинува СДСМ.
Три седмици по вториот круг од локалните избори, кога ВМРО-ДПМНЕ победи во голем дел од општините каде што досега градоначалници имаше СДСМ, од опозициската партија велат дека за една недела се отпочнати пет капитални проекти.
Во Охрид отпочнува реализација на булеварот „Македонски просветители“, кој опфаќа комплетно булеварско решение со двонасочна велосипедска патека, две пешачки патеки и секако две коловозни ленти кои што ќе се движат во двата правци. Овој проект наместо досега да биде завршен, сега целосно документациски се докомплетира и се очекува да заврши во рок од неколку месеци, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата информираат дека во општина Гази Баба се асфалтира улица во Трубарево и започна проект за фекална канализација во населеното место Страчинци.
„Почна и изградба на фекална канализација во должина од 1 100 метри во општина Кисела Вода, во населбата Драчево, а во Илинден веќе се реализира проект – ново училиште, кое ќе овозможи целодневна настава и ќе има и сензорна соба за деца со посебни потреби“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.