Изборите се решение, а не проблем. Тие треба да се одржат во првиот можен термин, согласно законските можности и согласно состојбата со епидемијата, според препораките на надлежните институции, велат од владејачкиот СДСМ и притоа образложуваат дека изборите се потребни за да се обезбедат целосно функционални институции, но истовремено да се заштити здравјето на граѓаните, особено имајќи ги предвид реалните стравување на релевантните светски здравствени институции за нова можна појава на вирусот наесен.
„Тоа значи дека сите политички субјекти, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, имаат одговорност пред државата и институциите да преземат одговорност и да им овозможат на граѓаните да одлучуваат. Тоа е врвна демократска придобивка“,
посочуваат од СДСМ во денешното партиско соопштение.
Притоа се нагласува дека СДСМ сака избори на кои ќе учествува и опозицијата, и ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека одбива избори во јуни бидејќи се плаши од изборен пораз.
„Ќе направиме сѐ за опозицијата да си ја преземе својата одговорност, но, ако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го кочи овој неопходен демократски процес, ние нема да имаме избор освен да ги почитуваме законските рокови на изборниот процес“,
се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека Заев и СДСМ агитираат за брзи избори за да го намалат изборниот пораз и ја обвинуваат власта за неспособност во справувањето со коронавирусот и за загрозување здравјето на граѓаните.
„Анкетите велат дека над 70 проценти од граѓаните се против брзи избори во јуни. Здравјето мора да биде приоритет за одговорните политичари. Граѓаните препознаваат кој работи во нивен интерес, а кој за свои лични и теснопартиски интереси“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
*Поврзани вести
Пред неделата на одлуки: Мицкоски и Заев со забетонирани различни позиции за изборите