Едно од барањата што ги имаат, Шукова рече дека е темелна и итна истрага за целиот случај и утврдување кривична одговорност, а бараат и одземање на еколошката дозвола на „Булмак 2016“ поради сериозни и повторени прекршувања

Излевањето цијанид и други опасни материјали во Крива Река може да биде една од најголемите еколошки катастрофи во поновата историја, предупреди денеска потпретседателка на СДСМ, Каја Шукова, поранешна министерката за животна средина и просторно планирање.
Шукова вели дека според независните анализи што ги објавија Општина Крива Паланка и градоначалникот Сашко Митовски, концентрацијата на тешки метали, цијаниди и други токсични материи, е десетици и стотици пати над дозволеното, што е огромна закана за живиот свет, бунарите и за земјоделските површини.
Според неа, итно треба да се направат анализи и во реките Пчиња и Вардар бидејќи, како што рече, сè што се продава на пазарите во Скопје, Куманово, Крива Паланка, Велес и другите градови, се наводнува од реките од тој слив.
Таа додаде дека Државниот инспекторат за животна средина има огромна одговорност во овој случај и затоа рече дека мора да се бара одговорност од сите.
„Наместо да ја утврди вистината, Инспекторатот излезе со неосновано тврдење дека се излеала ‘само вода’. Доколку не се направеше независната анализа од Општина Крива Паланка, поради овие паушални и очигледно политички мотивирани тврдења на инспекторатот, се ризикуваа животи“,
рече Шукова на денешната прес-конференција.
Шукова од партиското седиште упати прашања во кои наведува дека државните органи учествуваат во прикривање на еколошки криминал.
„Дали ова е случајно или некој свесно ја штити компанијата ‘Булмак 2016’? Дали државни органи, под раководство на кадри на ВМРО-ДПМНЕ, учествуваат во прикривање на еколошки криминал? Дали тоа што Тони Тоневски, директорот на ‘Булмак’, е истакнат партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен градоначалник од нивните редови е причината за криење на вистината?“,
се прашањата што ги упати Шукова.
Според неа, сомнежите ги подгреал и пратеникот Емил Спасовски од ВМРО-ДПМНЕ, за кој вели дека наместо да застанел на страната на граѓаните и нивната безбедност ја политизирал целата ситуација.
„Наместо да бара одговорност, тој се обиде да го дискредитира градоначалникот на Крива Паланка и да ја релативизира хаваријата“,
рече Шукова.
Шукова изнесе и низа барања што ги имаат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Едно од барањата, како што рече, е темелна и итна истрага за целиот случај и утврдување кривична одговорност.
Бараат и итно испитување на сите реки и води кои се во допир со водите од Крива Река, вклучително и делови од Пчиња и Вардар, како и објава на сите инспекциски извештаи поврзани со рудникот „Тораница“.

Шукова побара и оставка од пратеникот Емил Спасовски, за кој рече дека свесно ширел дезинформации и ја минимизирал катастрофата.
Исто така, таа рече дека бараат и одземање на еколошката дозвола на „Булмак 2016“ поради сериозни и повторени прекршувања.
„СДСМ нема да дозволи овој случај да помине тивко. Ќе бараме одговорност – до крај“,
додаде Шукова.
Од СДСМ и вчера реагираа откако градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, соопшти дека извештајот од испитаните примероци на водата во реката еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ покажал оти концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот.
Според СДСМ, постојат сериозни сомнежи дека државните институции свесно прикривале информации и намерно ја дезинформирале јавноста во врска со еколошкиот инцидент на 14 март во Крива Река. Оттаму ги повикаа надлежните институции да не го заташкаат овој случај, за кој велат дека може да има долгорочни последици по здравјето на граѓаните, водите, почвата, земјоделството и целиот екосистем во регионот.
Од партијата бараат Јавното обвинителство итно да отвори предмет за овој случај.
Градоначалникот на Крива Паланка синоќа преку објава на својот фејсбук-профил информира дека официјално ја поднел кривичната пријава за хаваријата во Крива Река.
„Бараме одговорност за загадувањето и заштита на здравјето на граѓаните. Крива Паланка и кривопаланчани ќе се борат за правда и чиста животна средина. Интересите на граѓаните секогаш ќе бидат пред личните, партиските и било кои други интереси. Обврска на секој одговорен градоначалник е да ги заштити своите сограѓани“,
напиша Митовски.
Претходно од компанијата „Булмак 2016“, која стопанисува со рудникот „Тораница“, рекоа дека на 14 март 2025 година, поради дефект на водоводна цевка, истекла јамска подземна вода во Крива Река, ги информирале сите надлежни институции, но и јавноста, а истовремено постапиле согласно пропишаните правила и протоколи.
Со ова, компанијата ги отфрла обвинувањата што уследија по прес-конференцијата на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој соопшти дека извештајот од испитаните примероци на водата во реката еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ покажува дека концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот.
Од компанијата бараат институциите да ги најдат вистинските причинители за еколошка катастрофа доколку се потврди дека таа навистина постои.