СДСМ денеска обивни дека независната кандидатка за градоначалник на Скопје, а поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, ѝ овозможила на својата мајка да стане член на Државниот совет за статистика како предлог на Сојузот на стопански комори (ССК), каде што, пак, Арсовска беше претседателка. Со ова, според СДСМ, на нејзината мајка Марика Јовановска ѝ било овозможено да зема по 10 илјади денари од секоја седница.
„Има ли појасен случај на непотизам од овој? Само личност што не поседува чесност и личен интегритет, како претседател на ССК, може да овозможи нејзината мајка да биде номинирана и избрана за член на Совет за статистика, каде што хонорарот изнесува 10 000 денари по седница“,
велат од градската организација на СДСМ.
Во прилог на обвинувањето тие објавија и документи од номинацијата на Марика Јовановска доставена до Илија Димовски, претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во 2019, биографија на номинираната Јовановска и извадок од „Службен весник“ бр. 107 од 28 мај 2019, со одлука за именување на членови на Совет за статистика, каде што како член е именувана Марика Јовановска, раководител на сектор за набавки во „Титан“, на предлог на Сојуз на стопанските комори на Македонија.



Според Градска организација на СДСМ, мајката Марика Јовановска станува член на Совет за статистика, на предлог на Сојуз на стопанските комори на Македонија, кога нејзината ќерка Данела Арсовска е претседател на ССК.
Градската организација на СДСМ ја повика Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да го испита овој случај.