Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ побара итна одговорност од министерот за здравство и од раководството на Клиниката за онкологија
Алармантно лоша е состојбата на Клиниката за онкологија, нема терапија, нема реагенси за испитувања, а дел од апаратите за зрачење не работат. Пациенти во животнозагрозувачка состојба се оставени сами на себе, принудени да купуваат лекови од странство и да плаќаат приватно за дијагностички анализи, изјави денеска на прес-конференција Eлена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.

„Додека граѓаните бараат спас, раководството на клиниката признава дека апаратот за гинеколошка брахитерапија не работи поради задоцнет договор за сервис. Пациенти се одложуваат, животи се ставаат во ризик, а оправдувањата се сведуваат на тендерски процедури и дистрибутерски грешки. Ова не е првпат, континуирани се проблемите со недостиг на лекови, неорганизираност и импровизации откако ДПМНЕ е на власт. Но, денес тоа веќе не е административен пропуст, туку прашање на живот или смрт за македонските пациенти“,
посочи Радеска.
Таа побара итна одговорност од министерот за здравство и од раководството на Клиниката за онкологија.
„Не може институции да се правдаат со тендери додека луѓето бараат спас надвор од државата. Гаранција за континуирана достапност на сите лекови и реагенси. Никој пациент не смее да биде принуден да ги купува своите терапии приватно или во странство. Итно ставање во функција на апаратите за зрачење и брахитерапија. Одложувањето на терапијата значи изгубени човечки животи. Независна контрола и ревизија на целокупниот систем во онкологијата. Да се утврди каде е прекинатиот ланец и кој е одговорен. Животот на пациентите не е бројка на тендер, ниту колатерална штета на бирократски пропусти. Додека граѓаните се борат за својот живот, државата мора да биде нивниот најсилен сојузник, а не дополнителен товар“,
порача Радеска.