Мицкоски го промени ставот и овие приближувања се добра основа за дијалог за сите детали и предлози да продолжи со тимови, односно работни групи. СДСМ за тоа е подготвен, сега на потег е Мицкоски, се вели во партиското соопштение од владејачката партија

Доколку Мицкоски сака разговор за предлозите за уставните измени, нека одреди тимови, велат од СДСМ преку денешното партиско соопштение.
„Мицкоски го промени ставот и прифати уставни измени, прифати учество во заедничка широка влада со СДСМ и прифати дека овој собраниски состав има мандат за уставни измени. Овие приближувања се добра основа за дијалогот за сите детали и предлози да продолжи со тимови, односно работни групи. СДСМ за тоа е подготвен, сега на потег е Мицкоски“,
се вели во соопштението.
Од СДСМ велат дека во спротивно Мицкоски ќе биде причината за затворање на вратата за дијалог, важен за европската иднина на државата.
Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на трибина на тема „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“ ѝ порача на власта дека залудно ќе разговара со пратеници од неговата партија за уставните измени, затоа што тие, како што нагласи, нема да се случат под бугарски диктат ниту сега ниту кога било во иднина и ВМРО-ДПМНЕ нема да оди против својот народ.
„За најавите дека ќе разговарале со пратеници, ќе им кажам и ќе им порачам – ова не е 2018 година, друго време е. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последниот браник кој нема да попушти под какви и притисоци тие да прават, зашто и тие знаат и народот знае дека им се избројани деновите“,
рече Мицкоски.
