Додека Сашо Мијалков во средата попладне се пакувал да излезе од притвор во затворот во Шутка, сообвинетиот во процесот „Плацови на Водно“ Орце Камчев се пожалил на здравствени проблеми, а Основниот кривичен суд, каде се води овој судски процес, го испратил на лекување во приватната болница „Аџибадем Систина“, објави порталот „Сакам да кажам“ (СДК).
Дел од медиумите, претходно денеска, пишуваа дека Апелацискиот суд во Скопје можно е утре да донесе одлука и дали ќе ја прифати жалбата на Камчев и ќе му го укине притворот.
Апелација, претходно веќе ја прифати жалбата на Мијалков и тој вчера излезе од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари со гаранција од 11,1 милиони евра.
Ексшефот на УБК првично доби укинување на притворот од Апелација во предметот „Трезор“ минатата недела (22 декември), а за да го спречи излегувањето на слобода, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција истиот ден побара нов притвор, но во „Плацови на Водно“ и тој беше одобрен од Основниот кривичен сув. Адвокатите на Мијалков се жалеа повикувајќи се на веќе еднаш прифатената гаранција и правосилното решение од „Трезор“, којашто жалба Апелација ја прифати и Мијалков вчера излезе од Шутка.
Фото: МИА