Министерство за надворешни работи на Данска ги демантира вестите дека го поддржува ветото на Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, одговориле од данското министерство за порталот „Сакам да кажам“.
„Информациите објавени во бугарските медиуми, кои укажуваат на тоа дека Данска се приклучила кон ветото на Бугарија за пристапните преговорите на Северна Македонија во ЕУ, не се точни. Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Северна Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки. Данска, дополнително, ја поддржува европската перспектива на сите земји на Западен Балкан. Во овој поглед, Данска го поддржува почетокот на пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, откако ќе бидат исполнети условите утврдени од Советот за општи работи во март 2020 година“,
велат од МНР на Данска за „Сакам да кажам“.
Претходно, бугарскиот весник „24 часа“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, јави дека Данска и Холандија се двете земји кои се приклучиле кон бугарското вето за Северна Македонија. Пред да стигне демантот од Данска, оваа информација ја демантираше и Амбасадата на Кралството Холандија во земјава.
Во својата објава, „24 часа“ пренесе и дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, претходно на Фејсбук напишал дека Бугарија не е сама во ветото за С Македонија и дека има поткрепа од уште најмалку две членки на Европскиот совет.