„Зошто се одземаат предмети од обвинителка која денеска се повлече од обвинителството, една од ретките професионалци, за предмети коишто истражуваат незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ… Се враќа времето и контекстот на функционирање на судството и обвинителството кога прислушуваа ваши колеги (н.з. кон новинарот). Каква е таа одлука, како се брани, како се објаснува? Не се објаснува. Ова е директен диктат на премиерот“, рече лидерот на СДСМ во вечерашното гостување во централниот „Дневник“ на МРТ 1
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во интервју во централниот „Дневник“ на МРТ 1, упати критики до новиот државен јавен обвинител Ненад Савески наведувајќи дека постапува по директни политички насоки од премиерот Христијан Мицкоски, со што се врши опасна партизација на правосудниот систем.

„Не можам да сфатам како може обвинителот да извршува така брутално и јавно насоки од премиерот. Нема друго објаснување“,
рече Филипче.
Говорејќи на темата, тој спомена серија одлуки и позиции на државниот јавен обвинител, донесени од функцијата што ја врши и во рамките на Советот на јавни обвинители, меѓу кои онаа за одземање на предмети од обвинители кои постапувале по предмети во обвинителства од кои не се дел. Во тој контекст, Филипче го искоментира повлекувањето на обвинителката Ленче Ристоска од функцијата, односно нејзината оставка што таа ја поднесе денеска.
Во истиот контекст, тој, без да наведува имиња, се осврна и на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева која постапуваше во предметите против полициските службеници во врска со т.н. кабаре „Пулс“, а на која Советот на јавните обвинители не ѝ го продолжи мандатот во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Зошто ѝ беа одземени предмети и не ѝ беше продолжен мандатот на една обвинителка, професионалец, која тргна по припадниците на МВР коишто беа на смена за време на пожарот во ‘Пулс’. Зошто се одземаат предмети од обвинителка која денеска се повлече од обвинителството, една од ретките професионалци, која не ја знам лично, да не ѝ стават партиски печат, немам никаков контакт со обвинителката, за предмети коишто истражуваат незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Па, тоа е најбогатата партија во Европа. Да ве потсетам од што се дел тие предмет освен незаконското финансирање на партијата, да ве потсетам за нападите врз политичари, за рушењето на ‘Космос’, да ве потсетам за прислушување, за набавката на опрема (за прислушување н.з.)“,
рече лидерот на СДСМ.
Според него, целта на одземањето на предметите од обвинителката е да се спаси ВМРО-ДПМНЕ од постапката за незаконско финансирање на партијата.
„Се враќа времето и контекстот на функционирање на судството и обвинителството кога прислушуваа ваши колеги (н.з. кон новинарот). Каква е таа одлука, како се брани, како се објаснува? Не се објаснува. Ова е директен диктат на премиерот. И на крајот на краиштата, ова е во контекст на сè што се случува од претходно. Партиски луѓе претходно се поставуваа во Судскиот совет, роднини на членови на ВМРО-ДПМНЕ, во Регулаторна комисија, жена на поранешен градоначалник, во Развојна банка исто, и сега зошто во таа партизација обвинителот би бил исклучен. Видовме дека не е, со првите постапки докажа дека извршува партиски наредби“,
рече Филипче.
Бруталната партизација на правосудството, како што нагласи, мора да престане бидејќи младите луѓе си заминуваат од државата токму поради ваквата состојба, а не само поради платите.
„Разговарам јас со студенти специјализанти, па не им се прва причина за заминување платите, тие сакаат систем во кој ќе имаат фер можност да напредуваат, а не корумпирано судство во кое некој ги контролира како марионети судиите и обвинителите“,
наведе претседателот на опозициската партија.
Според него, ваквата состојба ќе се смени и во земјава ќе има вистинска меритократија само ако Македонија направи исчекор кон Европската Унија (ЕУ).
„Една Шпанија која е далеку поголема и помоќна земја е трансформирана благодарение на Европската Унија, а не ние, мала земја во која секако кохезионите фондови ни се повеќе достапни затоа што ни е помал прагот на развој, за понеразвиените земји Европската Унија наменува повеќе пари, но контролирани од Европско обвинителство. Зошто ние инсистираме да се отвориме кон Европа, кон европските институции и тука да дојде европското обвинителство. Ние имаме договор за соработка со европското обвинителство за фондовите на ЕУ, зошто да не го прошириме тоа“,
кажа Филипче.
