„Нема да правам приоритети на предмети, се знае само кога има законски основ кои предмети имаат приоритет. Селекција не се прави на тој начин, ниту од кого би бил повикан како да постапам, напротив има законски регулативи врз основа на кои секој јавен обвинител постапува. Тие важат и вчера, и денес, и утре, и во иднина, така што јавноста, вклучително и политичката јавност има право да има очекувања, има право да го коментира постапувањето на јавните обвинители и на Јавното обвинителство генерално, меѓутоа, сепак секој јавен обвинител пред себе ги има законските регулативи“, рече новиот државен јавен обвинител
Неодминливо Савески беше прашан и за коментар за буџетот на Јавното обвинителство, за кој досега имаа критики неговите претходници, оценувајќи го како недоволен ниту за основни потреби, на што тој кажа дека ниту тој, ниту Јавното обвинителство во целина не може ништо да направи ако нема поддршка од другите институции
Откако вчера беше избран за нов државен јавен обвинител од мнозинството во Собранието, Ненад Савески денеска ја даде и свечената изјава пред претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.

Свечениот чин се одржа во „Охридската сала“ во Парламентот, со кој довчерашниот судија во скопскиот Основен кривичен суд и формално стапува на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Во своја прва изјава за медиумите како прв човек на Обвинителството, Савески се заблагодари на своите колеги судии, на Владата која го предложи и на пратениците кои вчера ја поддржаа неговата кандидатура.
Рече дека тоа за него преставува голема одговорност и порача дека дека работата на јавните обвинители ниту почнува ниту завршува со него и дека секој обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети, согласно Уставот и законите.
„Благодарност до сите пратеници коишто покрај поддршката со гласањето за моето именување, и на сите пратеници генерално коишто во поглед на моите персонални и професонални аспекти имаа конректни ставови. Тоа за мене е една голема одоговорност и во овој момент сакам да ги повикам сите јавни обвинители, заедно со мене, коишто и додека ја давам оваа изјава ја работат својата работа, нивната работи не зависи, ниту почнува, ниту завршува со мене, секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во истите, и заедно со нив сигурен сум дека ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните, во чие име, Устав и закон, постапуваме ние јавните обвинители“,
изјави новиот државен јавен обвинител.
Првото прашање што го доби од новинарите беше дали му преставува товар тоа што при именување главно доби партиска поддршка од владејачкото мнозинство, но не и поширока политичка поддршка од опозицијата. Заблагодарувајќи им се на сите пратенции што гласале за него, Савески кажа оти искрено очекувал поширока поддршка, додавајќи дека, сепак, интересите на политичките партии не се предмет на негов интерес, и тоа било така и претходно и денес, како и во иднина.
Товар, одговарајќи директно на прашањето, кажа дека не чувствува.
„Во секој случај секој збор кажан за време на вчерашната расправа за мене беше вреден и ценет и од големо значење, така што товар не чувстувам…Реалноста е таа, меѓутоа за мене без оглед колку гласови сум добил одговорноста моја и мојата работа во иднина пред сè зависи од тоа што како законска обврска е предвидено во делокругот на моето постапување. Пред себе секогаш и досега и во иднина сум го имал Уставот, законите и секако меѓународните стандарди и сите оние меѓународни документи коишто се дел од нашиот правен поредок“,
изјави Савески.
На прашањето дали ќе има случаи што ќе му бидат приоритет, а во контекст на очекувањата што од него вчера ги кажаа дел од пратениците од собраниската говорница за време на дебата, новиот државен јавен обвинител повтори дел од вчерашната изјава дадена за МИА, дека нема да има такви предмети, освен оние за кои тоа е уредено со закон.
„Нема да правам приоритети на предмети, се знае, само кога има законски основ кои предмети имаат приоритет. Селекција не се прави на тој начин, ниту од кого би бил повикан како да постапам, напротив има законски регулативи врз основа на кои секој јавен обвинител постапува. Тие важат и вчера, и денес, и утре, и во иднина, така што јавноста, вклучително и политичката јавност има право да има очекувања, има право да го коментира постапувањето на јавните обвинители и на Јавното обвинителство генерално, меѓутоа, сепак секој јавен обвинител пред себе ги има законските регулативи – Законот за јавно обвинителство, Законот за кривична постапка и Кривичниот законик и, секако, меѓународните стандарди во секојдневното постапување“,
кажа тој.
Истиот одговор тој го даде и на прашањето дали во неговата агенда е и „расчистувањето со последициците од поранешното Специјално јавно обвинителство“ што како повик до него вчереа беше упатено од дел од пратенциите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Фокус во неговата работа, како што кажа, ќе биде модернизацијата и дигитализацијата на Јавното обвинителство, во смисла на воведување систем преку кој би се управувало со распределбата на предметите, односно нивното доделување во работа на јавните обвинители, како што е тоа случај во судовите.
На овој начин, рече Савески, ќе може да се следи и работата на секој јавен обвинител поединечно.
Кажа и дека ќе ја гарантира транспарентноста и отчетноста за работата на секој јавен обвинител во секој конкретен предмет.
„Секогаш кога имате интерес за одреден предмет, почнувајќи од мене, секој јавен обвинител ќе има обврска да одговори на сето она за што јавноста очекува да добие одговор“,
им рече тој на новинарите.
Прашан дали ќе се обиде овие стандарди да ги наметне и во Советот на јавните обвинители, чиј член станува по функција, бидејќи се има впечаток дека се нетранспаретни и летаргични, Савески рече дека со Советот раководи неговиот претседател, а стандардот за транспарентност треба да важи за сите институции.
„Секако, мојот став што го кажав сега пред малку ќе се обидам да го наметнам и таму. Верувам дека и таму ќе наидам на волја на која неспорно транспаретноста би била во преден план“,
кажа новиот државен јавен обвинител.
Неодминливо Савески беше прашан и за коментар за буџетот на Јавното обвинителство, за кој досега критики имаа неговите претходници, оценувајќи го како недоволен ниту за основни потреби, на што тој кажа дека ниту тој, ниту Јавното обвинителство во целина не може ништо да направи ако нема поддршка од другите институции.
„Тоа е неспорно. Во таа насока очекувам и поддршка од страна на другите институции коишто се задолжени за тоа. Очекувам да го видам конечниот текст на новиот Закон за јавно обвинителство и оттука да се почне, да видиме што предвиделе пратениците со донесување на законот, која ќе биде конечната верзија што ќе биде во примена и оттука да се креираат плановите. Факт е дека на Обвинителството му требаат финансиски средства, борбата против криминалот бара финансиска поддршка. Сум кажал многу пати, кажувам и денес, за да се бориме ефикасно против криминалот, мора да има услови за тоа. Еден од условите е да имаме финансиска можност да се бориме да го следиме, да бидеме во чекор со криминалот, за да можеме да го следиме развојот на истиот, за да биде откриен и секој што го прекршил законот да биде изведен пред лицето на правдата, односно да биде гонет“,
рече тој.
Во однос на предметите што ги водеше во Основниот кривичне суд Скопје, од кои некои и високопрофилни, Савески потврди дека согласно законот тие сега треба да бидат распределени кај друг судија и ќе почнат од почеток.
Со шеесет и шест гласа „за“, два „против“ и осум „воздржани“, Собранието попладнево го именуваше судијата Ненад Савески за нов државен јавен обвинител.
Гласањето, по кое претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, го констатира именувањето, дојде по околу двочасовна дебата во која дел од пратениците ги испорачаа своите очекувања од новиот јавен обвинител, но имаа и забелешки за периодот во кој се врши именувањето.
Пратениците од власта и опозицијата разменија критики за тоа кој е одговорен за ниската доверба во правосудниот систем, кој прави обид за партизирање на судиите и обвинителите, се споменуваа последиците од работата на СЈО, „сваровски судството“, како и имињата на поранешните премиери Зоран Заев и Никола Груевски.
Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19. од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.
Според членот 63 од актуелниот Закон за јавното обвинителство, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.
