Во воено соопштение објавено од државните медиуми се вели дека бродовите што пристигнале во Мукала од емиратското пристаниште Фуџаира ги исклучиле уредите за следење и истовариле голема количина оружје и борбени возила во поддршка на сепаратистите
Саудиска Арабија денеска го бомбардираше јеменскиот пристанишен град Мукала поради, како што наведе, испорака на оружје наменета за сепаратистичките сили на Јужниот преоден совет, која пристигна во Јемен од Обединетите Арапски Емирати, соопштија денеска саудиски воени извори.

Во воено соопштение објавено од државните медиуми се вели дека бродовите што пристигнале во Мукала од емиратското пристаниште Фуџаира ги исклучиле уредите за следење и истовариле голема количина оружје и борбени возила во поддршка на сепаратистите.
„Со оглед на непосредната закана и ескалацијата на оружјето за кое станува збор, коалициските воздухопловни сили спроведоа ограничен воздушен напад насочен кон оружје и воени возила истоварени од два брода во Мукала“,
се вели во соопштението во кое се додава дека нападот бил извршен преку ноќ за да се избегне колатерална штета.
Не беше веднаш јасно дали имало жртви во нападот или дали во операцијата биле вклучени и други сили освен Саудиска Арабија.
Обединетите Арапски Емирати се уште не дале коментар.
Нападот означува нова ескалација на тензиите меѓу Саудиска Арабија и сепаратистичкиот Јужен преоден совет поддржан од ОАЕ, како и понатамошно влошување на односите меѓу Ријад и Абу Даби.
Експертот за Јемен Мохамед ал-Баша, рече дека видеа на кои наводно се прикажани нови оклопни возила во Мукала се појавиле на социјалните мрежи по пристигнувањето на бродот.
Тој рече дека може да се очекува калибрирана ескалација од двете страни и дека протокот на оружје до сепаратистите од ОАЕ може да се намали, со оглед на тоа што Саудиска Арабија го контролира воздушниот простор.
