Заеднички е констатирано дека во годишниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија е нотирана добра испорака на земјата на нејзините обврски од ЕУ-агендата
Охрабрувачки пораки доаѓаат од Северна Македонија во Брисел – дека земјата е подготвена со добра волја и низ дијалог да ги затвори сите прашања до затворањето на преговарачката рамка и до одржувањето на првата меѓувладина конференција. Ова, како што соопштија од Владата, го посочил денеска претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, на онлајн-средба со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Разговорите со Сасоли, како што информираа од Владата, се во рамки на целодневната агенда за онлајн-средби со највисоките претставници на институциите на ЕУ.
Претходно, Заев, Димитров и Османи имаа состаноци со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и со еврокомесарот за надворешни работи Жосеп Борел, а најавена е онлајн-средба и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
На средбата Сасоли е заеднички констатирано дека во годишниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година е нотирана добра испорака на земјата на нејзините обврски од ЕУ – агендата и дека таа е подготвена да продолжи со напредокот во целиот спектар на поглавјата на правото на ЕУ, со фокус на владеењето на правото.
Премиерот нагласил дека Владата е целосно посветена да ги реализира сите препораки од Извештајот и дека патот на трансформацијата на земјата согласно европските стандарди е неповратен процес.
„Со натамошното преструктуирање на нашето општество и со детерминирана решеност, Северна Македонија е подготвена да стане следната успешна приказна на проширувањето на ЕУ и во прифаќањето на заедничките европски вредности за демократска стабилност, за владеење на правото и за економски просперитет“,
истакна Заев.
Како што информираа од Владата, сите соговорници се согласиле дека е од исклучителна важност утврдувањето на рамката за преговори на почетокот на ноември, по што ќе следува првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ, со што ќе се означи почетокот на преговорите по поглавја.
Во однос на одржувањето на добрососедските односи, било нагласено дека Северна Македонија, со добра волја и низ дијалог, има намера да ги спроведе сите обврски утврдени во Договорот од Преспа со Грција и во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.
Во таа насока, Сасоли потенцирал дека Европскиот парламент е посветен целосно на пристапниот процес за целиот Западен Балкан и го оценил вклучувањето на земјите од регионот како историски исчекор за консолидацијата на ЕУ.